Ангела се занимава со гимнастика, скијање, сноубординг, трчање, но се интересира и за сликање и глума. Оваа љубопитна и упорна тинејџерка го сака и планинарењето, а не ги запоставува ниту училишните обврски
Таленти: Ангела Ристевска, осмоодделенка од Битола, одлична ученичка и успешна спортистка
Ангела Ристевска од Битола е ученичка во осмо одделение во ООУ „Стив Наумов“. За неа училиштето и сите училишни обврски и задачи секогаш се на прво место и амбициозно и посветено ги завршува со голем успех, но наоѓа време и за многу други вонучилишни активности, каде што исто така постигнува врвни резултати.
Токму поради тоа, Ангела денеска е гостинка во „Колибри“ и се надеваме дека со својот ентузијазам ќе им помогне на многу нејзини врсници полесно да ги остварат своите соништа.
Уште од најмала возраст се заинтересира за спорот, а гимнастиката е твоја прва љубов. Кажи ни нешто повеќе за успесите што си ги постигнала досега?
– Тренирам гимнастика од шест години во КГС Партизан – Битола и драго ми е што мојот вложен труд даде плод на натпреварите на кои учествував. Имам освоено второ место во категоријата постари пионерки во Б-лигата, во 2019 година, а подоцна почнав да тренирам и да се натпреварувам во А-лигата, каде што освоив две трети места во категоријата помлади јуниорки во 2022 година на државно ниво.
Успешна си и во скијањето, а доказ за тоа се и твоите успеси. Наброј ни некои од поважните победи за тебе.
– Отсекогаш сум сакала зимски спортови, а од 2020/2021 почнав да тренирам скијање и сноубординг во ски-клубот Пелистер. Во натпревари во сноубординг освоив прво место на државно ниво и бев втора на меѓународно ниво во категоријата У13 на „Мавровскиот меморијал“ во 2021 година. Во скијањето имам повеќе освоени места, и тоа: три први места во У12 велеслалом на државен натпревар во 2021 г., две трети места во У14 велеслалом на меѓународен натпревар во 2022 г. во Косово, прво, второ и трето место во У14 на државен натпревар истата година, лом-државен натпревар во 2022 г. и уште многу други награди, како и две втори места во У14 слалом, исто така на државно ниво. Успесите во скијањето ми донесоа и пехар и признание на манифестацијата „Најуспешни битолски спортисти“ во категоријата млади надежи, што за мене беше голем поттик за тренирање и учество на натпревари и во иднина.
Кои се твоите преокупации во моментов?
– Во моментот сме на прагот на натпреварите од оваа натпреварувачка сезона и се надевам дека ќе постигнам успеси и ќе бидам на пиедестал и оваа ски-сезона. Посакувам оваа година да имам можност да се натпреварувам во сноубординг и да се докажам повторно во оваа дисциплина и тоа ми е една од желбите за оваа година. Во меѓувреме останувам да тренирам и гимнастика, која за мене е прва љубов и тренирајќи го овој спорт можам да кажам дека секогаш сум во добра кондиција.
Учествуваше и на манифестацијата „Трчај, бе“ во твојот роден град Битола?
– Оваа година почнав и да се натпреварувам во трчање на училишни натпревари и освоив второ место двапати, а првпат трчав и на градската трка „Трчај, бе“ и мислам дека во иднина ќе трчам на повеќе трки од ваков тип.
Освен спортот, полето на твојот интерес, кое е навистина широко, ја опфаќа и глумата, но и ликовната уметност. За што конкретно станува збор?
– Да, пред да започнам со ски-натпревари посетував часови по глума во театарската школа „Фабрика за мечти“ и во таа школа поминав пет години во незаборавно искуство и дружење, а во слободното време знам и да се опуштам со ликовно творење. За време на коронавирусот цртав почесто и со моја творба учествував на ликовниот конкурс „Со маските научивме да се смееме со очите“ во организација на „Инер вел клуб Битола“ и освоив прво место во категоријата за ученици од шесто и седмо одделение.
Покрај многубројните обврски наоѓаш ли време за дружба со врсниците?
– Морам да кажам дека и покрај сѐ, за мене дружењето со моите другари е посебно доживување и дека секогаш наоѓам време за излегување надвор, за планинарски тури и искачување на некои врвови со моите родители, возење велосипед и скејтборд, а во последно време и прошетки по Широк сокак…
М.Т.