Кој со кого спие?
Замислете во шумата кога е цибрина
Едно до друго да спијат срната и волкот
Кутрата срничка нема да има плашливо срце
А и стариот волк нема од реума да го боли колкот
Замислете кога надвор замрзнува земјата
Преплашеното зајче да се гушне со лисицата
Во топлата прегратка тоа нема да ја тресе вилицата
А таа нема да биде осамена и заборавена во темницата
Замислете кога дува ветер и вее снежна бура
Мечката со еленот барем еднаш да ја подели постелата
Но и волкот со срната и лисицата со зајачето да се прегрнат
Па и кучињата и мачките да легнуваат и заспиваат заедно во селата
Конец
Најпрвин беше голема кадела со волна
Од која вредните тенки женски прсти
Испредоа за ткаење бел и црн дебел конец
Толку мек и нежен човек да се чуди и крсти
Потоа наместо кадела беше клопче со конец
Со кој се шиеја и подрабуваа нови и стари работи
Најчесто се подрабуваа ракавите и ногавиците
Полека со напрсток ноќе додека ќумбето баботи
Сега веќе нема конец на макарата ни една педа
Ни за везење ни за крпење ни за обично вденување
Се истрошил конецот исто како и животот до крајот
Стигнал ли човекот до рајот пред следното разденување
Грав
Кога варам грав
Имам најголем страв
Дека повторно гравот
Од бел ќе стане црн
А за сѐ ќе бидам
Виновен токму јас
Зашто нема да турам вода
Барем на секој час
Затоа дежурам во кујната
Како да сум на стража
А мајка ми на прозорецот
чука
И вели дека тој мој грав
На крајот нема силно
Да врие и пука
А поради стравот
Ете се свари и гравот!
За авторот
Христо Петрески (4 февруари 1957 г., Крушево) е македонски писател, сликар, новинар и професор. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје. Тој е основач и директор на издавачката куќа „Феникс“ и на фондацијата „Македонија презент“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1985 година, а до скоро беше и негов претседател. Тој е еден од основачите на манифестацијата „Празник на липите“ при ДПМ. Исто така, тој е еден од основачите на списанието „Стожер“ и главен уредник на списанието „Книжевна академија“. Активно се занимава и со сликарство, учествувал на повеќе ликовни колонии и повеќепати ги изложувал своите слики.
Христо Петрески е доктор по дидактички и методички науки. Докторирал на темата „Авторска бајка – компаративна анализа“, а магистрирал на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на темата „Хаику поезијата помеѓу елитното и масовното“. Сега е доцент на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА во Скопје.
Инаку, Христо Петрески бил новинар и уредник во редакциите на „Студентски збор“, „Млад борец“, Радио Скопје и во „Нова Македонија“. Автор е на повеќе од 25 книги и добитник на голем број значајни републички и меѓународни награди и признанија. Негови творби и дела се преведени на повеќе светски јазици.