Писателот Трајче Кацаров како мал, со својата нана Александра

Сеќавања

Нана Александра беше аналфабет, не знаеше ниту да чита ниту да пишува. Затоа, пак, умно беседеше. Престојуваше во неа народниот гениј. Мојот прв училиштен ден започна во друштво со нана Александра. На трудбениците, мама и тато, таа им беше единственото решение. По замолницата упатена од мама и тато, ги стокми веѓите, како да сакаше да каже дека не личи по стари години за првпат да влезе во училиште.

Сепак, се согласи без приговор. Кон училиштето што го носеше името на маршал Тито се движеше како шатка. Кога ја замолив да побрзаме, ми рече: „Кога умот ти лета, чекорот треба да ти биде бавен, ако сакаш да стигнеш до целта!“ Во училишниот двор децата изгледаа како да се пред слаткарница. Да немаа уши, насмевките ќе им летаа околу главите. Бев трет во редицата што ја направи учителот со густи црни мустаќи под носот. Со бавен чекор влеговме во училиштето. Нана Александра остана во дворот. Остана да го чека ѕвончето што ќе го означи крајот на првиот училиштен ден, а наедно и да здивне, да ги одмори крилјата што за првпат не ги употреби за да стигне навреме.

Дома на прашањето на мама и тато за тоа како помина првиот училиштен ден наместо јас, одговори таа: „Му се падна убав строен учител. Црните мустаќи и продорниот поглед, никогаш не можеш да ги заборавиш. Штета што не се вика Гоце.“

Трајче Кацаров