„Зоки Поки“ на шведски јазик!

Неодамна од печат излезе шведското издание на култната македонска книга за деца „Приказни за Зоки Поки“ од еминентната македонска авторка Оливера Николова. Книгата е во издание на шведската издавачка куќа „Пранава паблишинг“. Преводот го направи Лидија Линдов, а илустрациите се на Инес Георгиевска. Ова е првпат македонска книга за деца да биде објавена на шведски јазик.

Инаку, издавачката куќа „Пранава паблишинг“ објавува литературни дела за деца и за возрасни, а нејзината визија е да се објавуваат квалитетни автори и внимателно избрана литература, со посебен акцент на промоција на скандинавската и македонската книжевност.


„Магична зелена планета“ од Камелија Шојлевска објавена на англиски

По објавувањето на македонското издание на „Магична зелена планета“ од новинарката и авторка Камелија Шојлевска, кое беше објавено годинава и промовирано на Меѓународниот саем на книгата во Скопје, неодамна оваа книга за деца се појави и на англиски јазик.

Под насловот „The magic of the green planet“ книгата е објавена на платформата Киндл Амазон (Kindle Amazon), a наскоро се очекува и печатена верзија. Со електронската верзија книгата е достапна низ светот за нашите иселеници, но и за сите странски читатели.

Илустрациите се цртежи од внукот на авторката Јосиф Џолев.
– Книгата е наменета за деца на сите возрасти и тие што длабоко во себе го чувствуваат детето подготвено за игра и истражување на оваа прекрасна планета на која и со која живееме – вели авторката Шојлевска. Ф.Д.