Вие ни пишувате: Поетесата Соња Драгољуб Гиздавиќ се дружеше со ученици од Кочани

Одбележувањето на Месецот на книгата во ООУ „Никола Карев“ во Кочани го започнавме со средба со роднокрајната авторка Соња Драгољуб Гиздавиќ, која на учениците им се претстави со своето творештво. Акцент ставивме на првата нејзина книга „Љубовта во седмо три“, за која познатиот литературен критичар Васил Тоциновски во својата рецензија запиша дека е првата љубовна поезија за деца во македонската литература за деца.

Средбата ја реализиравме со дел од учениците од 7-3 одделение и третоодделенците од продолжениот престој. Зборувавме и читавме дел и од стихозбирките: „Љубовта во седмо три“, „На децата за убав сон“ и „Мамо ооолку те сакам“, како и за првата книга раскази „Приказни од петка“. Преку спонтан разговор ги откривме мотивите во песните, зборувавме за важноста и на илустрациите во книгите (во првото издание на книгата „Љубовта во седмо три“ илустрациите се на авторката). Заклучивме дека да се создаде прозно дело како предмет на обработка може да биде случка од секојдневието (како што е случајот со настанувањето на расказите од книгата раскази „Приказни од петка“), а да се создаде едно поетско дело тоа мора да излезе од душата.
Соња Гиздавиќ, покрај со пишување, се занимава и со модно креирање и со изработка на уметнички накит. Таа ни откри дека сите овие уметности ги поврзува и дополнува една со друга.

Месецот на книгата ќе продолжиме да го чествуваме и со многу други содржини: промоции, средби со писатели, издавачки куќи, литературни и ликовни конкурси, но дружењето со книгата ќе ни биде во текот на целата година, зашто таа нè прави побогати со знаења, ни открива нови видици и другарства.

Учениците и наставниците од ООУ „Никола Карев“-Кочани


Љубовта
во седмо три

Невешто на часови
ми шепотиш ти.
Се лутев, божем,
во седмо три, во седмо три.

По часови секогаш
ме чекаше ти.
Горделиво одминував
во седмо три, во седмо три.

Те љубам, ми рече,
Мари, Мари.
– Детиште бев, нели?
во седмо три, во седмо три.

Веќе сме големи
и јас и ти.
Сега те љубам
но, каде си?

Јас и ти – јунаци
на седмо три.
О, детство драго,
кај ли се скри,
и ти Мари,
и седмо три и седмо три.


Кога првата љубов одминува

 

Кога првата
ученичка љубов
како снегулка бела
ќе одлета од нас
и скриените погледи
и мечтите
кога со
детството наше
ќе замине сѐ,
како
нем сведок
на некоја клупа
врежани остануваат
имиња две.
„Миле и Весна“,
и нежен трепет
на ѕвездено јато.
Далечни спомени
ми буди оваа пролет
за една стара
заборавена песна.
Кој ли сега збунет седи
на клупата наша
стара?
Кој ли сега вцрвенето
поглед нечиј бара…?