Фото: Игор Бансколиев

Ако целосно се исклучи времето за пауза и ако не му овозможиме на мозокот да се „рестартира“, нема да биде во состојба да ги обработи новите информации. Сликовито, тоа може да се опише како да ставаме вода во преполна чаша

Катче за родителите

Децата денес имаат помалку слободно време од претходните генерации и се добива впечаток како да се лишени од игра. Сепак, тие и сега си играат, иако тоа не е на истиот начин како што правеле нивните родители.
Еве еден пример. Неделен ден, мајката забрзано приготвува ручек во кујната, а во дневната соба на каучот седат нејзината ќерка и син и нивниот другар. Невообичаено се тивки, а кога мајката ќе влезе во собата да види што прават, ќе се увери и зошто глас не им се слуша. Иако седат еден покрај друг, секој гледа во екранот на својот мобилен телефон.
– Надвор е убаво времето, зошто не излезете – им вели мајката и нежно ги турка кон вратата.
На почетокот тие малку негодуваат и превртуваат со очите, но на крајот наредните два часа ги минуваат среќни, трчајќи низ дворот и играјќи фудбал и други игри со топка. Како да забораваат колку вистински уживаат во слободно попладне поминато на отворено.
– Ова не треба да нѐ изненади, со оглед на тоа дека од средината на 1960-тите години на минатиот век постепено им се одзема на децата сѐ повеќе слободно време, секоја наредна деценија. Учебната година и училишниот ден се продолжени, намалени се одморите и сѐ повеќе веруваме во тоа дека нашите деца се во опасност ако не ги контролираме цело време – вели Питер Греј, професор по истражување на Одделот за психологија и невронаука на колеџот „Бостон“ во Честнат Хил, Масачусетс, САД.
Според д-р Греј, децата се лишени доколку немаат најмалку пет-шест часа слободно време секој ден. Детството треба да биде можност да научиме да бидеме независни и одговорни, да ги решаваме сопствените проблеми и да донесуваме одлуки. А играта е природен начин децата да ги вежбаат вештините што им се важни во процесот на нивниот развој.

Времето за одмор е недоволно

Реално, повеќето деца немаат толку слободно време за игра во текот на денот. Часовите по завршувањето на училишните обврски тие ги минуваат пишувајќи домашни задачи или на вонучилишни активности, кои често се претрупани, а периоди за одмор и пауза практично не постојат во текот на денот.
За жал, изгледа дека одморот и сите негови предности се најдолу на списокот на приоритети во современите училишта. Меѓутоа, ако целосно се исклучи времето за пауза и ако не му овозможиме на мозокот да се „рестартира“, нема да биде во состојба да ги обработи новите информации. Сликовито, тоа може да се опише како да ставаме вода во преполна чаша.

Поттикнете ја автономијата на играта

Но како можат родителите да им помогнат на своите деца да имаат повеќе време за игра? Како да се избегне депривацијата во играта, состојба што може да доведе до депресија и анксиозност – во светот што сѐ повеќе ја цени продуктивноста од непопреченото слободно време. Звучи изненадувачки, но едно од најдобрите нешта што можеме да ги направиме за своите деца е да и оставиме да си играат на отворено, во затворен простор или на мрежа, но без нас во оваа комбинација.

Ако во близината има возрасни, тогаш тие ќе им кажуваат на децата што да прават, па дури и ако е тоа добронамерно. Меѓутоа, кога децата си играат со врсниците, тие преговараат и смислуваат како да го направат она што го сакаат сите. Или ако си играат сами, откриваат што сакаат да прават, во што се добри и што би можело да им биде основа за нивната идна професија.
Повеќето родители се во големо искушение, како да не бидат вклучени во секој аспект на животот на нивните деца. Меѓутоа, играта без надзор во безбедно опкружување им дава на децата приватност, а тоа ќе им биде многу важно кога ќе пораснат. Битно е да им дозволиме да бидат автономни со своите пријатели. Тоа не значи дека сме отсутни родители, напротив. Така само им даваме простор да пораснат и да бидат психички здрави и стабилни личности.

М.Т.


Деца

Се раѓаат,
се разлистуваат,
се расцветуваат,
разубавуваат,
мама и тато
ги развеселуваат,
ги подмладуваат,
ги збунуваат,
ги излудуваат,
со насмевката
ги разоружуваат –
во срцата
им се вкоренуваат!

Димитар Алачки


Никој да не
ги дели

Паѓаат, стануваат,
спијат, сонуваат,
растат крај столовите
и масите,
излегуваат на терасите,
трчкаат низ дворовите,
ги учат зборовите
и почнуваат –
течно да зборуваат,
не запираат,
не се изморуваат.
Почнуваат и да читаат
и да пишуваат,
но не престануваат
да прашуваат.

Децата од цел свет –
слични се на чудесен цвет.
Црни, жолти и бели –
никој да не ги дели!
Тие планетата ја бојосуваат –
со насмевките нѐ освојуваат!

Растење

Дечиња, родени во градови
и села,
вас ве чекаат големи дела!
И небото кога ќе го
допрете -немојте да сопрете!
Вие сте актери на сцената,
го играте животот, тоа нема цена.
Завесата е крената –
откривајте ја вселената!
И еден ден
кога ќе пораснете
и кога ќе се заљубите –
детето во себе да не
го загубите!

Димитар Aлачки
(Од книгата
„Таинствен сликар“)

Фото: Игор Бансколиев
Фото: Маја Јаневска-Илиева