Едукативно катче
Има милиони текстови што говорат за „ефикасно учење“, стекнување работни навики, за подобра концентрација и така натаму.
Но вистинското прашање е како да учите и да научите, а притоа да ви биде интересно, а не стресно? Како да постигнете сѐ, а тоа да биде како од шега?
Изгледа невозможно, особено кога ќе сфатите дека пред вас се неколку страници текст од учебникот по историја, биологија, географија, македонски… Буквите на хартијата ви изгледаат накострешено, како рој оси пред напад, се престрашувате, веднаш почнува да ве боли главата и си мислите „нема шанси јас да го научам ова до утре!“
Но ете ја првата грешка. Да, има шанси! Тоа не е точно и е најобичен страв. Исто како кога треба во темница да излезеш пред куќата, кога знаеш дека нема никој, ама сепак се плашиш.
Тргнувате од најлесното, бидејќи и да нема шанси да научите толку многу страници, можете да ги прочитате. А ако го направите тоа три-четири пати, ете, сте ја научиле лекцијата.
Како што гледате, не ви беа потребни повеќе од дваесетина минути.
А ако сакате баш да знаете за петка, извлечете ги во тетратката клучните зборови и пред да ве испрашаат ќе биде доволно само да ги погледнете.
И уште една грешка, која постојано се провлекува. Кој вели дека секој ден мора да учите по три часа. Четири пати по 15 минути ќе го имаат истиот ефект, ако добро се сконцентрирате. На пример, 15 минути кога ќе дојдете од училиште, 15 минути пред омилената серија, 15 минути по вечерата и 15 минути пред спиење или пред тргнување на училиште. Тоа е еден час, а работата е завршена и вашата глава е мирна.
Сето ова е одлично, но и исправно! Бидејќи не се учи само на училиште, туку цел живот се учи нешто.
Ако сметате дека учењето е без врска и здодевно, може да имате големи проблеми во иднина. Но ако не се плашите од учењето и работите редовно и по малку и доколку пронајдете свој начин на совладување на материјалот, тогаш нема да има никакви проблеми!
И навистина учењето ќе ви биде лесно како песна.