Книгата е сончев дворец

Летото в игра ни мина,
најубав спомен е веќе.
Книгата со нас е сега
лична ко најнежно цвеќе.

Еве го септември дојде,
плодови донесе зрели.
Ѕвончето милно нѐ вика,
утрото насмевки дели.

Птици сме вивнати в сонце,
иднина светла нѐ чека,
бранчиња, немирни мали
украс на волшебна река.

Има еден сончев дворец
што го краси златно клуче,
име му е книга мила
а го има тој што учи.

Перо Миленковски


Септември

Ни дојде септември
како што се вели,
ни донесе витамини
и плодови зрели.
Има полни кошници
јаболка и круши,
дуњи, сливи, грозје
да сладиме души.
А од сите плодови
и слатко се прави,
сака сите деца
да се живи и здрави.
Таков е септември,
сладок е и сочен,
доаѓа навреме,
секогаш е точен.
Носи школско ѕвонче
го видов и јас,
децата ги вика на првиот час.

Наум Попески


Како растат децата

Децата растат
до сонцето и месечината,
до светлината,
до добрината и убавината,
растат и до вистината.
Но децата и зреат,
така се вели
и еден ден
оп – веќе се зрели,
ги подзабораваат бајките и басните
и радосно влегуваат
во светот на возрасните.

Димитар Алачки


Детство

Кратко трае, многу рекле
ко утрински летен сон,
како молња кога светне,
како звук од еден ѕвон.

Штом зацврсти крила лесни
полетува ко птица,
мириса на полско цвеќе
насмевнува многу лица.

Детството е рекле стари,
вечна сенка што нѐ следи,
нектар нуди на душата –
нѐ храни до коси седи…

Стојан Арсиќ


Училиштен двор

Ѕвончето песна весело ѕвони,
ѕвончето смеа сребрена рони.
Кон него брза од радост лета
весела војска, најдолга чета.

Ене ги Филип, Зоки и Панче,
ене ги Јорданка,
Биле и Данче.
Лицето в насмев, в среќа им блика
ѕвончето денес и нив ги вика.

И наместо кукла,
петленце, мендо,
торбичка в раце
стегнале вредно.
Во училиштен двор насмев им блика
ѕвончето денес сите ги вика.

Благородна Тодоровска
Никодиноска


Во која клупа да седнеш

Ги има што размислуваат,
што очекуваат,
меѓу себе се погледнуваат
– во која клупа да седнат.
На првата, средната или на
последната!

Најмногу велат – сеедно.
Но некои ги слушам…
Мислења едно по едно:

– На првата,
Наставничката и таблата
на два чекора.
Шушкаш ли – ќе те прекорат.

Оние во средината
и до прозорецот десно:
– ем поглед во дворот,
а и да поткажеме малку,
не ќе ни се чуе зборот.

А пак оние на крајот?
Е, тука е теренот смешен! Ќе поправале невидени
писмен задаток згрешен!
Смешки.
А и ти – каде било да седнеш,
не смееш никому да пречиш.
Сигурен биди,
наставничката ќе те види.

Васил Мукаетов