Секој е талентиран за нешто,
секој носи некаков дар,
а во мојата зграда на вториот кат
живее еден мал музичар.

Младиот виолинист
најмногу од сѐ да свири сака,
по цели денови вежба,
виолината не ја испушта од рака.

Свири композиции тешки,
некогаш правилно,
некогаш прави грешки,
некогаш разлева,
некогаш фалшира,
а секогаш неговото свирење
соседите ги нервира.

Не сфаќаат соседите
дека тој повеќе сака да свири
отколку да јаде,
со љубов го негува дарот
природата што му го даде.

Соседите секој час,
вознемирени и потресени,
пред вратата на станот
на малиот музичар,
на ѕвончето се обесени.

Само викаат и се расправаат,
на мајката на музичарот
дури ѝ приговараат:

– Сосетке, Ве молам,
кажете му да престане Вашиот син,
поради неговото свирење
везден пијам аналгин.

Па, доаѓа друг сосед да се жали
дека не може да спие,
и ако не престане виолинистот,
ќотек од него ќе добие.

Претседателот на куќниот
совет вели:
– Музичарот за куќниот ред
е лоша слика,
ако не престане, полиција ќе викам.

А мајката се срами, црвенее…
– Извинете, еве, сега
ќе му речам да престане веднаш,
и нема да се повтори уште еднаш.

Штом мајката во собата
на музичарот оди,
насетува дека музиката
е ѕвезда што го води
и тивко го замолува,
но не го прекорува.

Младиот музичар понекогаш
е тажен,
се чуди како луѓето имаат таков дух
и како за добра музика немаат слух.
И два-три дена е во очите влажен,
виолината во футрола ја враќа
и три дена не ја фаќа.

По три дена…
Талентот ене го пак
на виолината ѝ се враќа
и со вежбање се зафаќа.

И што?
По некое време
пак ѕвончето на врата ѕвони,
пак сосетка,
пак мајката излегува,
музичарот се расплакува
и веднаш виолината
во футрола ја пакува.

Сосетката пак е на врата:
– Добар ден!
Мајката:
– Знам дека кога музицира,
страшно ве нервира,
извинете, ве молам,
сега ќе му речам да се смири
и никогаш веќе да не свири.

А сосетката:
– Не, не, не,
јас дојдов да ви кажам,
син ви е многу талентиран.
Свирењето му е лек за душа,
јас уживам да го слушам.
Ете, јас дојдов само вака,
да му речам да продолжи,
само напред, само така!

Младиот музичар
муабетот го слушна
и себеси си вети
на музичката уметност
уште повеќе ќе ѝ се посвети.

По неколку години
стана славен виолинист,
одржа концерт во својот град,
големиот музичар,
ем убав, ем млад.

На концертот дојдоа
сите соседи од зградата,
наполнија редови пет,
а мајка му и добрата сосетка
седеа во првиот ред.

Филип Димкоски