Во големата сала на домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, во саботата, пред многубројната публика се реализира завршниот дел од седмото издание на литературната манифестација „Стихувалки 2024“.
Пред голем број присутни, учесници и гости, стана збор за значењето на овој проект, а беше промовирана и збирката со 93 поетски творби. Се доделија и 93 признанија и исто толку примероци од книгата – збирка поезија за деца, голем број благодарници и, секако, се соопштија наградите.
Првата награда ѝ беше доделена на авторката Љиљана Крстевска од Скопје, за песната „Другарство“, втората награда ѝ припадна на Викторија Трајкова од Босилово, за песната „Годишни времиња“, а третата награда ја доби Марија Василевска од Дебар, за песната „Природата нѐ вика“. Специјална награда за најдобра песна од странски автор доби Татјана Томиќ од БиХ, за песната „Шумско такси“.
Две специјални награди за освоени најголем број гласови од публиката добија: Мелани Иванова од Штип, со освоени над 700 гласа за песната „Илјада цветови“, и Атанас Крлевски од Велес, со освоени над 580 гласа на фејсбук-страницата на „Стихувалки – поетски фестивал“, за песната „Сончко над Велес“.