Филип Величковски и Тина Јакимовска им покажаа на учениците од ОУ „Лазо Трповски“ и на дечињата во градинката „Орце Николов“ во Скопје, како, и покрај тоа што не гледаат, читаат со помош на познавањето на Брајовата азбука

ИНКЛУЗИВНА РАБОТИЛНИЦА „ДА ЧИТАМЕ БЕЗ ДИСКРИМИНАЦИЈА“

Во рамките на одбележувањето на Детската недела во Скопје се одржаа две инклузивни работилници, први од ваков вид кај нас. Првата беше во градинката „Орце Николов“, а втората во основното училиште „Лазо Трповски“. И двете беа повеќе од успешни, бидејќи преку интеракција и дружење со Филип Величковски и со Тина Јакимовска, ученици со оштетен вид од училиштето „Димитар Влахов“, тие ни покажаа дека иако не можат да гледаат, тие умеат и да читаат и да пишуваат, но и да се дружат заедно со другите деца, да разговараат, да се смеат и да си играат со нив.
– Љубопитност, возбуда, нова наобразба, поука и љубов, многу љубов донесоа двете инклузивни работилници посветени на правото на секоја индивидуа самостојно да чита. „Да читаме без дискриминација“ се првите инклузивни работилници од ваков вид, одржани со деца на возраст од пет до шест години, од градинката „Орце Николов“ и од ОУ „Лазо Трповски“ во општината Карпош, во рамките на одбележувањето на Детската недела. Филип и Тина, ученици со оштетен вид од училиштето „Димитар Влахов“, беа нивни гости, кои им покажаа дека иако не можат да гледаат, тие умеат и да читаат и да пишуваат, но и да се дружат заедно со нив во играта. И едните и другите читаа заедно, затоа што сликовниците се инклузивни и напишани и на кирилско (видно) писмо и плус на Брајово писмо. Актерката Снежана Коневска Руси, која динамично и забавно ја водеше работилницата, ги повикуваше сите да прочитаат понекоја строфа од книгите. Времето одминуваше, но интересот на децата не се намали, напротив, возбудата и радоста траеја до крајот на дружбата. Среќни, но и горди на сето тоа бевме и ние возрасните и ветивме дека почесто ќе организираме вакви средби, а јас како автор на инклузивните сликовници им ветив и други, нови изданија наскоро. Сакам да упатам благодарност и до Надица Гировска, директорка на градинката „Орце Николов“, до раководителката на Секторот за јавни дејности во општината Карпош, Гордана Зафировска, како и до специјалната гостинка, сопругата на амбасадорот на Република Словачка во нашата земја, Жанет Маркушова Кристинова – вели Гордана Симоновска Момироска, авторка на првите две инклузивни сликовници издадени во Македонија („Другарите од Зоолошката градина“ и „Буква по буква азбука“) и претседателка на здружението на граѓани „Свет на различни, а еднакви“.

Читањето ја подобрува концентрацијата, развива вербална интелигенција, го подобрува помнењето, го проширува вокабуларот на говорот, развива аналитички способности, го подобрува знаењето, го проширува видикот, го намалува стресот и развива емпатија..
Во текот на работилницата во градинката беа пуштани и тематски песнички за животните, со што децата што сѐ уште не можат да читаат интерактивно беа вклучени во настанот. Од името на дечињата на градинката, директорката Надица им врачи подароци на Филип и на Тина, како и благодарници за учество во работилницата, испечатени и со Брајово писмо.
Втората инклузивна работилница се одржа во ООУ „Лазо Трповски“ со деца од прво, второ и од трето одделение и е прва од овој вид во нашата змеја, со деца што се во фаза на описменување.
– Овој пат тема беше македонската азбука – кирилица, а ја користевме мојата книга „Буква по буква – азбука“. И тука Филип Величковски и Тина Јакимовска им покажаа на учениците како, и покрај тоа што не гледаат, читаат со помош на познавањето на Брајовата азбука. Сите нѐ поздрави директорката на училиштето, Соња Јовановска, домаќинка на настанот, како и трите наставнички на избраните ученици. Објаснивме дека оваа сликовница во исто време може да ја читаат и доживеат на свој начин: лица без оштетување на видот и слабовидни лица – дополни Момироска.
Снежана Коневска Руси, овој пат на малку поинаков начин ги анимираше децата, соодветно на нивната возраст, а цело време комуницираше и со Филип и со Тина, кои добија многу аплаузи за својата умешност да читаат со помош на Брајовото писмо. Работилницата заврши со насловната песна од детската ТВ-серија „Дајте музика“ и со доделување подароци за децата гости на работилницата.

Навистина, сведоци бевме дека оваа едукативна, но истовремено и хумана активност, на децата, уште од најрана возраст, може да им објасни дека мораме да ги запознаеме и да другаруваме и со децата што не се како нас, но имаат исти желби, соништа и мечти. Пречките полесно се прескокнуваат со подадена рака, а емпатијата и хуманоста најлесно и најдобро се учат од најмали нозе.

М.Т.