Детски хор на сите деца од Македонија и од дијаспората „Македонски ѕвончиња“, со кој раководи Марина Коруновска, во неделата точно напладне имаше онлајн премиера на новата песна. Тие снимија своја верзија на песната „Македонија“ на Дадо Топиќ, која на македонски јазик ја сними групата „Меморија“..
Хорот е основан со цел децата во нашата земја, но и Македончињата од дијаспората да ги негуваат македонскиот јазик, македонската традиција и македонската убава песна: детска, народна и забавна.
– Во текот на изминатите две години обработивме три македонски песни: „Македонско девојче“, „Биљана платно белеше“ и „Лош дедо“ и се закитивме со прва награда на меѓународниот „Афродита фестивал“ на Кипар, а ја претставивме македонската музика и на меѓународен фестивал во Виена. Песната „Македонија“ е четвртиот наш заеднички проект. Идејата е на проф. Марина Коруновска, професорка по соло-пеење во Државното музичко училиште, основачка, директорка и уметничка раководителка на детскиот хор „Ѕвончиња“ и на центарот за музичка едукација „Коруновска мјузик енд сингинг“ (Кorunovska music & singing) од Битола, кои се препознатлив бренд на градот и на Македонија веќе 15 години – велат носителите на проектот.
А професорката Коруноска истакна дека ја поддржала оваа иницијатива со цел да се зачуваат македонската песна, традиција и јазик.
– Да направиме македонските деца да останат сплотени во едно каде и да се во светот. Да ги шириме љубовта, среќата и гордоста во секое детско македонско срце – вели Коруноска.