Миленкоски со наградените учесници

Учениците се претставија со своите творби на македонски, албански, турски, босански и на ромски јазик

Детската амбасада за сите деца во светот од Прилеп, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари, по четврти пат го организираше литературното читање на поезија и проза на мајчин јазик на слободна тема, на кое учествуваа 19 ученици од основните училишта во: Прилеп, Долнени, Кривогаштани и членови на Детската амбасада, кои го посетуваат детскиот едукативниот центар „4 Јули“. Учениците се претставија со своите творби на македонски, албански, турски, босански и на ромски јазик.

Повеќечлената комисија, чиј претседател беше Перо Миленкоски, наш познат писател за деца, имаше тешка задача, но на крајот ги избра најдобрите творби на учениците. Инаку, Миленкоски има издадено повеќе книги со поезија за најмладите, член е на Друштвото на писателите на Македонија, но и автор на текстови на осумдесетина песни испеани на детскиот фестивал „Златно славејче“. Тој е и долгогодишен уредник на додатокот за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“. Најдобрите ученици и ментори како награда ја добија неговата нова збирка со песни, насловена „Сончев дворец“.

– Иако целиот живот другарувам со децата убаво е чувството да се слушнат нивните творби, резултат на големата љубов и посветеност кон литературата и тоа на нивниот мајчин јазик – вели познатиот автор за деца Перо Миленкоски.
Лауреатка оваа година, како што информираат од Детската амбасада, е Софија Оџаклиеска од ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп, под менторство на наставничката по македонски јазик Сузана Николоска. Доделени се и три места за проза, а првото место му припадна на Кирил Велјаноски од ОУ „Добре Јованоски“ од Прилеп, под менторство на наставничката по македонски јазик Мартина Трајкоска. Второнаградена е Ана Марија Здравкоска од ОУ „Гоце Делчев“ од Прилеп, под менторство на наставничката по македонски јазик Билјана Јагуриноска, а третопласирана е Дора Неданоска од ОУ „Рампо Левката“ од Прилеп, под менторство на наставничката по македонски јазик Наташа Блашкоска.

Првото место за поезија го освои Талијан Ѕвончар од ОУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, под менторство на наставничката по македонски јазик Габриела Стојаноска-Станоеска, второто место му припадна на Елиф Дава од ОУ „Али Фетхи Окјар“ од селото Дебреште и третото на Маида Халиловиќ од ОУ „Мирче Ацев“ од селото Лажани, под менторство на наставничката по босански јазик Елвира Каришиќ.
Лауреатот, покрај добиената диплома, ќе биде награден со вклучување во летниот камп, кој го организира Детската амбасада за сите деца во светот. Оваа организација е заслуга на децата координатори од основните училишта од Прилеп, кои работат на активности и проекти во амбасадата. 

Наградените ученици ја добија книгата „Сончев дворец“, потпишана од авторот

Така си е, да се знае

Така си е, да се знае –
што е добро, долго трае:
Вредни раце – плодно поле
да наполни амбар голем,
лепче топло – дете сито,
букет цветен – предел питом,
искра ситна – пламен силен,
пиле мало – сокол крилен,
извор жубор – бујна река
пат далечен што ја чека.

Така си е, да се знае –
што е добро, долго трае:
стадо кротко – млеко бело,
млеко слатко – котле цело,
дете мило жед да згасне,
да си пие, да си расне,
книга в раце, умна глава,
зборот убав сила дава,
утешува, надеж нуди,
нова верба во нас буди….

Перо Миленкоски
(од збирката „Сончев дворец“)