Вие ни јавувате: Средба на третоодделенците од ООУ „Борис Трајковски“ од селото Моноспитово со писателот Киро Донев

Ние учениците од трето одделение во ООУ „Борис Трајковски“ од селото Моноспитово, Струмичко, по повод Месецот на книгата имавме незаборавна средба со нашиот роднокраен писател – Киро Донев. Речиси цел еден час бевме гости во неговата семејна библиотека, која е вистински „хотел на книгите“, како што ни рече и самиот тој, во кој домуваат повеќе од пет илјади книги. Таа е сместена во неговото поткровје и е негова ,,писателска работилница“. Разговаравме за значењето на книгите и списанијата за децата, за тоа како се создаваат, зошто треба да се читаат книгите, за нивното чување и уште многу нешта. Покрај комплетите списанија наменети за нас децата, „Росица“, „Другарче“, „Развигор“, кои ги уредувал Киро Донев пред да се пензионира, многу пријатно нѐ изненадија и комплетот „Колибри“ и првиот број на „Нова Македонија“, кои тој ги читал уште како ученик и ги чува до ден-денес.
Тоа и нам ни даде поттик и ние во иднина да си ги чуваме книгите и списанијата, зашто од нив секогаш може да се научи нешто што ќе ни биде потребно во животот.
Како и за време на досегашните средби писателот, Киро Донев ни кажа и многу интересни случки, ни откри понекоја тајна поврзана со неговата професија, одговараше на сите наши прашања, а се разбира и се пошегува со нас.
На заминување се договоривме повторно да го посетиме овој плоден автор, и тоа на 21 март, денот кога почнува пролетта, но и кога Киро Донев ќе го прослави својот јубилеен роденден. Секако, добивме и задача да прочитаме некои од неговите дела и да се вооружиме со многу прашања.

Учениците од трето одделение при ООУ ,,Борис Трајковски“ во селото Моноспитово и наставничката Златица Стојкова


Само прашувам

Кога би имале очи облаците
-што сѐ ќе можат да видат?
Кога би имал слонот очила –
колкави треба да бидат?
Кога би немал дедо ми бастун –
дали ќе може да оди?
Кога би немало небо над земјата –
Месечко каде ќе броди?
Кога би немало вода на земјата –
луѓето што ли ќе пијат?
Кога темнината не би се спуштала –
децата кога ќе спијат?
Кога би немало сонце на небото –
топло кој ќе нѐ грее?
Кога би немало мајки на светот –
срцето за кого ќе пее?…

Јас само прашувам
Но кажете ми вие:
Одговорот на ова прашање –
каде ли се крие?!


Било и се скрило

Шуш-шуш, шуш-шуш –
во лисјето нешто шушка.
Душ-душ, душ-душ –
низ гората нешто душка!

– Ај кажи ми, дете мое –
дали знаеш: што е, кој е?
– Ешко шушка, Лиска душка.
Есен е, падна слана…
Набргу ќе фати зима –
Шушкаат душкаат – бараат храна!

Штом е така, добро мило…
Што и да било –
било и се скрило!

Киро Донев (Од книгата „Било и се скрило“)