Низ страниците на литературата за деца: „Сказни од дворецот на книгите“ на Нада Зафировска-Матиќ

Еве ја и сказната напишана по илустрацијата за ненапишаната книга на Васо Псараки од Грција. Во неа се раскажува не за еден, не за два, туку за илјада и еден папагал. Сите папагали од оваа сказна имале иста или слична судбина – да бидат затворени во кафез исто како што беше затворен и папагалот од златниот кафез од приказната „Принцезата на жабите падната од Месечината“. Откако принцот и принцезата станале маж и жена, двајцата решиле да ги ослободат своите миленичиња. Кога ѝ предложиле на златната рипка да си го бара своето вистинско живеалиште, таа им рекла:
– Мене и овде ми е удобно, бидејќи кога бев многу мала живеев во една стаклена полутопка, аквариум, и ми беше многу тешко, но се навикнав. Кога ме донесоа во царскиот рибник, повторно се навикнав. Мене овде во рибников ми треба само свежа вода што ќе тече како рекичка и храна еднаш во денот.

Кога принцот ја отворил вратата на златниот кафез, папагалот веднаш летнал, но наскоро, бргу, се вратил. Така правел речиси една недела. Секој ден одлетувал и се враќал, зашто не можел да го заборави советот на принцот дека навиките се најубавото нешто за секој кога се плаши од непознатото.
– Зошто го пушти кога му е тешко да се оддели од тебе? – го прашала еднаш принцезата својот сакан принц.
– Е, драга моја, сè што е необично не е удобно. Да те потсетам на твојата кожа од жаба и на моето крзно од мачор. Во нив не ни беше удобно.
– Се сеќавам, да не се повтори.
– Е, така и за папагалите природната средина се тропските шуми, а кафезот и златен сепак е кафез, затворен, тесен.

Еден ден, поттикнат од носталгијата по родниот крај, папагалот решил да ја бара шумата на заробените, а потоа и на ослободените папагали, решил да си замине, убедувајќи се себеси дека тоа е најдоброто решение. Летал, летал и пристигнал над едно топло море среде кое се извишувал зелен остров со прекрасни песочни плажи. Тоа рано летно утро го видел најубавото изгревање на сонцето, а зелениот остров му заличил на венчалниот прстен на принцезата што имаше камен од жад. Летал долго и пристигнал на највисокиот врв од единствениот рид. Слетал на највисоката палма и почнал да брои 999, 1.000 и на крајот избројал 1.001 папагал заедно со него.
– Бидејќи си илјада и првиот, тогаш ти ќе ни бидеш водачот, ќе нè организираш и ќе ги решаваш нашите проблеми – му рекол најстариот, најумниот, најшарениот меѓу нив.
– Зошто токму јас? Нема ли некој поумен и поспособен од мене?
– Бидејќи беше милениче на најдобриот и најумниот принц и живееше во златен кафез.

– И златниот кафез е кафез – сакал да се спаси папагалот од тешката задача, но сите папагали загракале секој на својот јазик, на јазикот на своите господари.
Еден ден илјада и првиот папагал решил да го пронајде одговорот на прашањето како да ги обедини своите пријатели да се разбираат, зашто секој зборувал на јазикот научен од своите господари… Знаеме дека во светот постојат многу јазици, кои се наречени со терминот мајчин јазик, зашто децата тие јазици ги учат од своите родители. А нивните родители од своите. И сè така. На крајот да заклучиме дека мајчиниот јазик е најдрагоценото богатство за еден народ, неговиот белег, неговото постоење. Мајчиниот јазик е и првиот што го учи детето и јазикот што го научиле папагалите бил нивниот прв јазик.

Папагалот со денови летал и застанувал на палмите блиску до луѓето што се одморале по песочните плажи. Забележал дека секое семејство си разговара на својот јазик, а меѓу себе сите се разбираат на еден-два најпознати светски јазици. Кога се вратил меѓу своите пријатели, им ја кажал приказната што ја научил од луѓето. На крајот заклучил дека така е најубаво и тие да се договорат за еден свој заеднички јазик, а со најблиските роднини да си зборуваат на својот мајчин јазик. Значи и тие, како и луѓето, да си зборуваат на јазикот на своите предци, да ги почитуваат туѓите, ама својот јазик да го сакаат најмногу. На тој начин во светот нема многу често да исчезнуваат јазиците на малите народи.
– А како се чуваат јазиците од новите навики, новите и туѓите зборови што секојдневно ги слушаме? – ме праша моето најголемо внуче.
– Ако се сака мајчиниот јазик, ако се твори, ако се создаваат нови зборови во духот на својот јазик, тој никогаш нема да исчезне.
– А папагалите? Што се случило со нив?
И така минувале денови, години, а папагалите си живееле сложно на нивниот заеднички остров и секој секого го почитувал почитувајќи му го неговиот јазик.

* * *

(Драги мои млади читатели, обидете се и вие да составите текст во вид на приказна и да ја искажете својата љубов кон мајчиниот јазик.)

Сказнава ѝ ја посветувам на Радмила Јорданова, која по судбина е билингвист, говори српски и македонски јазик, а цел живот го негува и ги учи децата на француски јазик.
Напишано на 22.5.2018 г. во Кадино, крај Скопје.