Младата авторка преку дејството нѐ пренесува во 19 век и многу динамично ги презентира предизвиците на малото храбро девојче Ела Вилсон

Нина Насеска, 16-годишна гимназијалка од Прилеп, деновиве го промовира романот „Авантурите на Ела Вилсон“, што предизвика голем интерес во прилепската јавност.
Романот првенец на Насеска е посветен на авантурите на малечката Ела Вилсон. Младата авторка преку дејството нѐ пренесува во 19 век и многу динамично ги презентира предизвиците на едно мало девојче што се случувале пред два века, во време невреме, кога владеела болеста чума.
– Ова е еден авантуристички роман, кој е дел на мојата детска фантазија. Го пишував речиси половина година и навистина ми претставува чест што издавачката куќа „Македонска реч“ стои зад мојот прв роман. Наменет е за младите од тинејџерска возраст, но може да го читаат и помлади. Поделен е во 26 поглавја, на 115 страници. Навистина мене ќе ми биде особена чест ако предизвикам задоволство кај читателите, зашто тоа, сепак, е најважно за еден автор – вели Нина.
Габриела Стојаноска-Станоеска, нејзина поранешна наставничка по македонски јазик, вели дека Нина е победничка над себеси во една од највозбудливите авантури во книжевноста – пишувањето роман. Познатиот писател за деца Горјан Петрески, пак, посочува дека авторката „ја поседува сигурноста и во себе и во она што го пишува, а ја има формулата со која се потврдува како раскажувач.“
Нина Насеска со пишување се занимава уште од најрана возраст, а свои поетски и прозни творби објавувала и во „Колибри“ и во други списанија за деца. Учествувала на многу натпревари, конкурси и литературни манифестации и добитничка е на повеќе награди, дипломи, признанија и пофалници. Во 2014 година, на 12-годишна возраст, таа ја објави поетската книга со наслов „Мозаик од доживувања“.
Веруваме дека за Нина допрва ќе се слуша во литературните кругови кај нас и пошироко.