Водородот би можел да задоволи до 22 отсто од глобалната побарувачка на енергија и 25 отсто од глобалната побарувачка на нафта до 2050 година

Со европските и азиските цени на гасот, кои достигнуваат историски максимум, дури и скапиот водород почнува да изгледа попривлечно, но доколку интенцијата е тој да стане алтернатива на фосилниот гас, трошоците за производство мора драстично да паднат и производството мора да се зголеми, пишува Робин Милс за „Еурактив“

Скапото гориво на иднината станува сè попривлечно на пазарот

Неодамнешната посета на германскиот вицеканцелар Роберт Хабек на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) означи почеток на едно ново пријателство помеѓу два нови великани во бизнисот со водород. Но, што е многу поважно, ја истакна улогата што ова „гориво на иднината“ би можело да ја има во справувањето со климатските промени и ослободувањето на државите од актуелните геополитички „тесни грла“.
Во споредба со традиционалните фосилни горива, водородот нуди клучни предности: сестран е, гори чисто, не е отровен и не испушта јаглерод диоксид и има различни потенцијални извори. Во енергетиката, индустријата и хемиското производство може да го замени природниот гас, а во транспортот на долги растојанија може да ја замени нафтата. Со оглед на тоа што се развлекува украинската криза, а цените на природниот гас во Европа и во Азија достигнуваат рекордни нивоа, атрактивноста на водородот сè повеќе расте.

Како да се дојде до водород?

Широката употреба на водород е во многу рана фаза, така што проекциите околу неговиот потенцијал многу се разликуваат. Меѓутоа, сценаријата како она на Меѓународната агенција за енергија, Меѓународната агенција за обновлива енергија, Советот за водород и Банката на САД сугерираат дека тој би можел да задоволи до 22 отсто од глобалната побарувачка на енергија и 25 отсто од глобалната побарувачка на нафта до 2050 година. Но водородот во неговата чиста форма не се појавува на Земјата во големи количества, па затоа мора да се произведува од други супстанции што го содржат, како што се водата или од гасот и нафтата.
Кога се користи, водородот е секогаш ист, но според методот на производство, тој е класифициран во различни „бои“. Најчести типови се „сив“, „син“ и „зелен“. Во овој момент, речиси сиот водород е „сив“, произведен од нафта, гас и јаглен, без заробување и складирање јаглерод. На меѓународно ниво многу малку се тргува со него, а поголемиот дел од него се произведува и користи во рамките на индивидуалните операции на индустриските погони. Освен тоа, водородот тешко се транспортира на големи растојанија, бидејќи има мала густина, се кондензира во течност само на многу ниски температури и се состои од многу ситни молекули, кои лесно може да „избегаат“ од системите за складирање. Исто така, тој е и многу скап.
Меѓутоа, светските цени на гасот во последно време пораснаа поради зголемената побарувачка по пандемијата, недостигот од инвестиции во нови производства и намалените руски синџири на снабдување во Европа. Со високите европски и азиски цени на природен гас, дури и скапиот водород почнува да изгледа попривлечно. За водородот да го постигне својот потенцијал, производството мора енормно да се зголеми, според некои процени, за осум или повеќе пати до средината на овој век, што ќе бара инвестиции дури и до 15 илјади милијарди долари.

Производствени трошоци и транспорт

Во овие почетни години на водородната индустрија ќе биде неопходно да се создаде цел еден комерцијален синџир на вредности. Дополнително, трошоците за производство мора да се намалат во значителна мера, што може да се постигне со големо проширување на производството на електролизери. Суровините за некои електролизери вклучуваат и некои благородни метали, како на пример паладиум и платина, кои ќе мора да бидат ископувани во големи количества или да бидат заменети со нивни алтернативи. Наедно, потребни се и опции за далечен транспорт. Ова може да вклучува гасоводи на умерени растојанија. Сепак, најголемиот дел од меѓународната трговија со водород ќе отпадне на транспорт со бродови, веројатно како течен водород, иако е поверојатно тој да биде во комбинирана форма. Земјите исто така може да користат водород за производство на сертифицирани материјали за извоз, како што е челикот, создавајќи на тој начин локален синџир на вредности и индустриски екосистем.

Каква е стратегијата на големите играчи?

Русија, која располага со најголеми ресурси на природен гас, почна да развива водородна стратегија пред инвазијата на Украина. Сега овие планови пропаднаа, отворајќи врата за другите играчи. Европа се надева дека самостојно ќе генерира голем дел од својот водород, особено од крајбрежните ветерни паркови. Сепак, европските држави, следејќи го примерот на Јапонија, Јужна Кореја и многу други, секако, ќе мора да го увезуваат. Главни извозници на водород ќе бидат држави со евтини гасни ресурси, како што се државите од Персискиот Залив, можеби и САД и оние со изобилство од евтини обновливи енергии, крајбрежен пристап и системи погодни за водење бизнис. Како предводници во производство на зелен водород се јавија Саудиска Арабија, ОАЕ, Оман, земјите од Северна Африка, Австралија и Чиле. Во моментов, веројатно, најнапреден нов потфат е џиновскиот проект за зелен водород на Саудиска Арабија во планираниот град Неом, на северозападот од кралството. Ова го објаснува огромниот интерес на Германија за соработка со ОАЕ и други земји од Персискиот Залив, кога станува збор за производство и транспорт на водород.
Имајќи предвид дека императивите за нето нула јаглеродни емисии и енергетска безбедност стануваат сè посериозни, водородот рапидно се појавува како огромна можност за регионот да додаде нова витална индустрија на своето јаглеводородно богатство.