Антверпен се бори со бомбашки напади, престрелки и рекорден прилив на кокаин, пишува Питер Хаек за „Политико“
Огромни проблеми во ЕУ со нелегалната трговија со наркотици
Како дом на второто по големина трговско пристаниште во Европа, Антверпен стана главна влезна точка за наркотици, особено за кокаинот што доаѓа од Латинска Америка, а пресметките на наркобандите се прелеаја на неговите улици. Во 2022 година имаше 81 престрелка и експлозии поврзани со дрога во градот, според официјалните бројки, и уште 25 престрелки се случија во првите пет месеци од оваа година, вклучувајќи го и пукањето во јануари во кое загина единаесетгодишна внука на наводен наркокриминалец.
За градоначалникот на Антверпен, Барт де Вевер, порастот на насилството е криза и можност. Како лидер на националистичката партија Нова фламанска алијанса (Н-ВА), ова му претставува одлична можност за силно да ја критикува белгиската федерална влада пред националните избори закажани идната година, која тој ја обвинува дека го отфрлила ова прашање како локален проблем, или уште полошо, го препуштила одговорот на познатата бавна бирократија на земјата. Градоначалникот ја опиша заканата од шверцот на дрога како многу поголема од терористичката криза во 2016 година. Насилството во неговиот град, рече тој, е дел од проблемот, бидејќи криминалците повторно ги инвестираат своите незаконски пари во формалната економија, ширејќи го своето влијание во земјите низ континентот.
Рекордни бројки
Де Вевер ја припиша важноста на Антверпен за трговијата со дрога на неговата локација поврзана со Северно Море, а исто така се наоѓа во близината на Брисел и до некои од најголемите центри на германската индустрија. Градоначалникот истакна дека градот е најважниот пристаништен град за целата трговија што доаѓа од Латинска Америка. Лани белгиските власти заплениле рекордни 110 тони кокаин во пристаништето, што е речиси 14 пати повеќе од конфискуваното во 2014 година и повеќе од двојно повеќе од запленетото во блиското холандско пристаниште Ротердам. Градот, исто така, се најде на врвот на европската листа за потрошувачка на кокаин, кој стана популарна дрога меѓу младите.
Кокаинот потекнува од земји како Еквадор или Колумбија, рече белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинден, во областите напуштени од Владата каде што некои луѓе не се занимаваат со ништо друго, освен со производство на оваа дрога. Пратките потоа го преминуваат Атлантски Океан скриени на контејнерски бродови. До 2021 година, контролите на пристаништето беа слаби: само еден контејнер од 42 беше скениран од царинските службеници што ги натера властите да ги проверуваат барем оние што се високоризични. Битката против шверцот со дрога во самите пристаништа е поддржана од бродската полиција, за која Де Вевер рече дека нема доволно персонал. Парите од дрогата се инфилтрираат во локалната економија, ширејќи се во делови од малопродажниот сектор во градот, според градоначалникот. Кетрин де Боле, шефица на агенцијата Европол, предупреди дека наркобандите се обидуваат да ги корумпираат локалните власти, судовите и полицијата, со тоа што се инфилтрираат во општествата.
Покрај Антверпен, ниту Холандија не е имуна на наркокриминалот, каде што се случија убиствата на холандскиот новинар Питер де Врај и адвокатот Дерк Вирсум. Градоначалникот на Антверпен предупреди дека слично сценарио може во иднина да се случи и таму, па дури во одреден момент да има и невини жртви.
Прелевање на криминалот надвор од границите на државата
Кампањата на Де Вевер за ова прашање се наметна на националната и меѓународната агенда. Белгиската влада реши да преземе построги мерки и поради смртта на единаесетгодишното девојче. Заканите од наркобандите го принудија и министерот за правда Винсент ван Квикенборн и неговото семејство двапати да се засолнат во безбедна куќа лани во септември и декември. Во февруари, федералната влада ја засили бродската полиција со тоа што прераспредели 70 безбедносни агенти, кои порано се грижеа за безбедноста на блиската нуклеарна централа. Исто така, Владата распредели повеќе опрема за скенирање за царинските агенти и назначи нова државна комесарка за борба против трговијата со дрога. Белгија, исто така, се здружи со Холандија во прекуграничната борба против насилството од наркокриминалот. Мнозинството од осомничените за насилство поврзано со дрога во Антверпен биле со холандско потекло, рече Де Вевер. Од почетокот на 2022 година, локалната полиција спровела повеќе од 1.600 апсења за трговија со дрога и околу 85 за насилство поврзано со дрога.
Органите за спроведувањето на законот се претпазливи за она што тие го нарекуваат ефект на прелевање на криминалот од еден пристаништен град во друг. Во јуни, претставници на шест земји од ЕУ со големи пристаништа, како Белгија, Холандија, Франција, Италија, Германија и Шпанија, се состанаа во Антверпен за да ја координираат нивната борба против организираниот криминал. Белгија планира да ја направи темата приоритетна кога ќе го преземе претседавањето со Европскиот совет во првата половина на следната година. Европската комисија исто така бара да игра улога. Белгија се надева дека блокот би можел да ја олесни екстрадицијата на наркобосовите, кои управуваат со некои од организациите надвор од земји како ОАЕ и Мароко, каде што криминалците понекогаш се апсат само за да бидат пуштени со кауција.