За многу земји во светот, западните санкции кон Русија се спротивни на нивните национални интереси

Дури и во хипотетичкото сценарио целосно да не успее руската специјална воена операција во Украина, западните држави ќе мора да се справат со свет во кој владеат замрсени односи, истакнува Кишоре Махбубани за „Нешенел интерест“

Напори за зачувување на актуелниот светски поредок

Ново цунами на триумфализам ги зафаќа западните престолнини, особено Вашингтон и Лондон. Спречена е руската инвазија на Украина. Украинците водат славна борба за одбрана на својата слобода. Се создаде нова солидарност меѓу Америка и Европа. Заедничките западни санкции ја нарушија и изолираа руската економија. Сигурно Кина стравува од помислата дека и неа ја чекаат слични санкции.
Горенаведениот опис на западниот триумфализам можеби звучи претерано, но сепак не може целосно да се отфрли. Меѓутоа, има само еден суштински проблем со триумфалистичкиот начин на размислување, а тоа е дека води до невешто геополитичко размислување. Како што Западот ја искористи картата за „крајот на историјата“ по Студената војна, тој може да го стори тоа повторно, освен ако (особено САД) не признае дека некои тешки геополитички реалности не се променети.

Само 12 отсто од светското население живее во западните земји

Прво, Западот сè уште сочинува само 12 отсто од светското население. Другиот дел сочинува 88 отсто. Вистина е дека мнозинството земји-членки на ОН гласаа да ја осудат руската специјална воена операција во Украина. Но земјите што се воздржаа сочинуваа повеќе од половина од светското население. Еднакво важно, повеќето од 88 отсто не го гледаат украинското прашање едноставно како доброто наспроти злото. Наместо тоа, тие исто така гледаат паралелен западен проект за удар по Русија. Ова јавно го призна американскиот секретар за одбрана Лојд Остин. На многу земји во светот, вклучувајќи ги и пријателите на САД, како Индија, ударот по Русија не им служи на нивните национални интереси.

Кина ќе се штити од западни санкции

Второ, куршумите што Западот ги испука против Русија, особено економските санкции (и запленувањето на имотот на руската централна банка) имаат силно влијание. Кинезите сега не се сомневаат дека слични санкции еден ден можат и нив да ги погодат. Би било глупаво, ако не и целосно неодговорно, Кина да не ја планира својата одбрана од слични санкции. Оттука, ако се испукаат слични куршуми против Кина, да речеме десет години од сега, ќе станува збор за ќор-фишеци. Кинеската зависност од американскиот долар постепено ќе се намалува. На еден или друг начин, ќе се појави паралелен универзум на земји поблиску поврзани со кинеската економија.

И други земји ќе размислуваат за заштита

Трето, не би било мудро за повеќето земји во светот да не ја следат Кина во заштитата од потенцијално разорни санкции. Дури и пријателските земји како Саудиска Арабија и Јужна Африка ќе сакаат да се заштитат. Кусогледоста на Западот во справувањето со Русија се откри и со неразумните напори да се обиде да ја исклучи од самитот на Г20. Земјите од Г7, кои го поддржуваат исклучувањето на Русија од Г20, сочинуваат околу 11 отсто од светското население. Земјите што не го поддржуваат исклучувањето на Русија сочинуваат над 40 отсто од светското население. Накратко, наместо Западот да извојува јасна победа, дури и ако во хипотетичко сценарио не успее руската специјална воена операција во Украина, тој ќе мора да се справи со свет со замрсени односи, каде што повеќето земји ќе сакаат да се заштитат и од САД и од Кина. Многумина сè уште имаат сеќавања дека страдале од перфидни западни колонијални потфати. Малкумина во Лондон или во Париз би се сетиле дека се обидоа да го колонизираат Тајланд, но Тајланд се сеќава дека рускиот цар му помогна да помине низ овој опасен период во историјата.

Треба да се размислува со ладна глава

Најмудрото нешто што треба да го направат повеќето политичари во Вашингтон е да го напуштат овој триумфалистички начин на размислување и да направат некои тешки геополитички пресметки со ладна глава. Секоја процена со ладна глава ќе покаже дека американско-британските напори за целосно слабеење и соборување на Русија не се мудар чекор. На крајот на денот, Русија нема да исчезне. Гневна и отуѓена Русија не е во европските интереси. Русија ќе ѝ биде сосед на Европа во следните илјада години. И ќе има разумно добри односи со повеќето земји во светот, надвор од Западот.
Винстон Черчил еднаш мудро советуваше дека „во победата има и великодушност“. Компромисното решение во Украина, засновано на формулата на Хенри Кисинџер за украинска политичка независност, меѓународна неутралност и национално помирување сепак би бил најдобриот излез. Овде е важно да се додаде дека поголемиот дел од остатокот од светот (88 отсто) е навистина шокиран што ниту еден голем западен глас не се залага за мир во Украина. Наместо тоа, слушаат само гласни воени тапани. Тие исто така веруваат дека целосниот напор да се победи Путин не е мудро решение. Заклучокот е дека деликатен мир, кој го зачувува светскиот поредок, е попогоден од нестабилноста на долготрајниот конфликт.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска