Експеримент со тунел за ветер открива дека ветерните турбини може да предизвикаат повеќе од 50 отсто од правот и песокот во воздухот во нивна близина да паднат и да останат на земја, пишува Ечо Сие за „Саут чајна морнинг пост“

Алтернативна улога на обновливите извори на енергија

Во пролетта, северозападните ветрови што дуваа од Сибир и од монголската рамнина, донесоа големи количества песок од пустината Гоби и го зафатија северот на Кина со жолт прав и песок. Кина веќе се обиде да се избори со проблемот со проектот „Големиот зелен ѕид“, огромен вештачки еколошки инженерски напор што се протега од североисточната провинција Хејлонгџијанг до северозападниот регион Синџијанг, со цел да се засадат 35 милиони хектари дрвја до 2050 година.
Но некои веруваат дека големите ветерни паркови во Кина можат да играат слична улога во ублажувањето на ефектите од песочните бури. Група истражувачи од технолошкиот универзитет „Ланџу“ во северозападната провинција Гансу, за време на експеримент со тунел за ветер откриле дека турбината може да предизвика повеќе од 50 отсто од правот и песокот во воздухот во нивна близина да паднат и да останат на земја.
– Ветерните паркови во северозападните делови на државата се наоѓаат на патот на движење на песочните бури, па сакаме да видиме дали тие можат да функционираат како еден вид заштита – посочи Ма Гаошенг, автор на студијата и вонреден професор на универзитетот, мислејќи на проектот „Голем зелен ѕид.

Лидер во капацитетите за обновливи извори на енергија

Гаошенг рече дека Кина има најголем капацитет на ветерна енергија во светот, со тоа што многу од нејзините турбини се поставени во пустината Гоби во северозападниот дел на Кина. Ма и неговите колеги го тестираа влијанието на ветерните турбини врз движењето на песокот при различни брзини на ветерот во тунелот за ветер. Тие откриле дека перките кога се вртат може да формираат воздушен џеб со турбуленции што предизвикуваат правот и песокот да останат на земјата. Колку е поголема брзината на ветерот, толку е подобар ефектот. Сепак, Ма рече дека е премногу рано да се тестираат резултатите во пракса на отворено.
Големите кинески проекти за ветерна енергија беа изградени во последните 10 години, што се совпадна со намалувањето на песочните бури. Во 1950-тите години, Пекинг имаше просечно 18 дена со прав годишно, но тие се намалија на помалку од еден ден годишно во изминатата деценија, според информациите на државната новинска агенција „Синхуа“.
Кина е глобален лидер во обновливите извори на енергија. Таа располагаше со 328 гигавати капацитет од ветерна енергија до крајот на 2021 година, што е еквивалентно на 15 пати поголем капацитет од оној на браната „Три клисури“, потоа 1,4 пат поголем од капацитетот на Европа и 2,6 пати поголем од капацитетот на САД. Кина, исто така, планира да изгради дополнителни 450 гигавати соларни и ветерни капацитети во пустината Гоби, како што истакна Хе Лифенг, директорот на агенцијата за економско планирање на Националната комисија за развој и реформи.

Влијание врз регионалната клима

Меѓутоа, треба да се разгледа и влијанието на кинеската инфраструктура за обновливи извори на енергија врз регионалната клима. Посебна студија предводена од истражувачи од Кинеската академија на науките во 2020 година покажа дека широката распространетост на ветерни и соларни капацитети во северозападна Кина ќе доведе до пораст на температурата и врнежите во западната провинција Синџијанг и делови од провинцијата Гансу. Но кога соларните и ветерните капацитети беа изградени во помал обем, немаше значителна промена во локалната температура, според авторите.