Мигрантите се очекува да имаат силно влијание на изборите во ЕУ

Граѓаните што сметаат дека имиграцијата е прашање што најмногу влијае на нивната иднина „се наклонети да гласаат за екстремно десничарски или антиевропски партии“, како што се германската АФД и партиите од француската десница. Најзагрижените за климатските промени се собираат кон зелените или левоориентираните партии и се најпроевропски, покажуваат последните истражувања

Кои се главните теми за изборно соочување во ЕУ

Гласачите во Европската Унија ќе се поделат во два главни табора на претстојните европски избори. Едниот табор го сочинуваат луѓето што се загрижени за опасностите што ги носат климатските промени, а другите се посветени на проблемите што произлегуваат од големата имиграција. Овие гласачи се „најмобилизирани“ и нивното соочување може да го обликува исходот на европските избори во јуни и јасно да ја поларизира политичката сцена во ЕУ, покажа најновата студија објавена од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).
Главното изборно соочување ќе биде меѓу оние што се најзагрижени за исчезнувањето на човечкиот живот поради климатските промени и оние што се плашат од „исчезнување на нивната нација и културен идентитет“ поради имиграцијата.
Ваквите наоди се засноваат на анкети во девет земји на ЕУ, кои претставуваат 75 отсто од населението на блокот. Резултатите од истражувањето сугерираат дека гласачите во Европа може да се поделат на пет „кризни гласачки табори“: за климатските промени, глобалните економски превирања, имиграцијата, пандемијата на ковид-19 и војната во Украина. Анкетираните лица одговараа на едноставното прашање за тоа кој настан најмногу би влијаел на нивната иднина. Павел Зерка, виш соработник за политика во ЕЦФР, објаснува дека гласачите што се најзагрижени за климатските промени и имиграцијата најверојатно ќе ја „водат дебатата“ за изборите во ЕУ, бидејќи тие се најмногу мобилизирани да гласаат.
Оние што сметаат дека имиграцијата е прашање што најмногу влијае на нивната иднина „се наклонети да гласаат за екстремно десничарски или антиевропски партии“, како што се германската АФД и партиите од француската десница. Најзагрижените за климатските промени се собираат кон зелените или левоориентираните партии и се најпроевропски.
Според Зерка, заострувањето на војната меѓу групите гласачи мобилизирани од овие две значајни прашања за климатските промени и имиграцијата може дополнително да го поларизира гласањето во ЕУ.

– Постои многу силна поврзаност во однесувањето на двете политички опции. Значи, колку повеќе АФД или Ле Пен зборуваат за опасностите од имиграцијата, толку повеќе го мобилизираат најпроевропскиот дел од електоратот да го запре тој дискурс – објаснува тој.
Граѓаните што се загрижени за климатските промени ги привлекуваат и гласачите што произлегуваат од имиграциските средини. Климатската политика, како што е предложена од институциите на ЕУ, често е критикувана (од екстремната десница) дека го нарушува суверенитетот на националните држави и е спротивно на интересите на граѓаните.
Наодите од студијата се засноваат и на шокантниот резултат од ноемвриските парламентарни избори во Холандија, кои би можеле да се постават како преседан на европско ниво.
Холандските избори покажаа победа на екстремно десничарската Партија за слобода на Герт Вилдерс, по кампањата дефинирана со агресивна антиисламска и антиимиграциска реторика, додека проклиматската левичарска алијанса предводена од Франс Тимерманс се најде на второто место. Истото тоа се случува и во анкетите за расположението на граѓаните во ЕУ, во кои се предвидува зголемена поддршка за екстремно десничарските партии што водат кампања што се заснова на силна антиимиграциска реторика во многу големи земји на ЕУ, вклучувајќи ги и Франција и Германија.
Студијата на ЕЦФР ги покажа и разликите на расположението на европските гласачи во одделните земји членки. На прашањето што влијае најмногу на тоа како гледаат на својата иднина, гласачите во Франција (27 отсто) и во Данска (29 отсто) одговориле дека најверојатно ќе се определат за климатските промени. Имиграцијата е на врвот на „приоритетите“ кај граѓаните во Германија (31 отсто). Тоа може да се покаже како критичен момент за европските избори во јуни, бидејќи Германија „делегира“ најголем број членови во Европскиот парламент, а со тоа да ја определи и структурата на идната европска власт. Се смета дека глобалните економски превирања најмногу влијаат на идните изгледи за гласачите во Италија (34 отсто) и во Португалија (34 отсто), каде што еврокризата имаше долготрајни последици.

Војната во Украина е доминантна грижа во Источна Европа, вклучувајќи и во рускиот балтички сосед Естонија (40 отсто), каде што се стравува дека Москва би можел да цели на другите постсоветски држави. Во Полска, која се граничи со Украина, за ова прашање се изјасниле третина од испитаниците (31 отсто).
Според возрасната структура на европските гласачи, помладите лица од 29 години најверојатно ќе се определат за партиите што се залагаат за политиките за заштита од климатските промени (24 отсто), додека постарите генерации има поголема веројатност да ги изберат партиите што ги застапуваат прашањата за имиграција. Најстарите гласачи во Европа, со над 70 години, најмногу се мобилизирани од војната во Украина, поради потенцијалниот страв од нивното доживеано искуство од Студената војна во дваесеттиот век.