Онаму каде што Франција гледа оправданост, другите стравуваат дека Европа ќе се сврти сама против себе, сметаат Џорџо Леали и Барбара Моенс од „Политико“

Украинската криза му даде мотив на Макрон за унапредување на неговата визија

Руската воена операција против Украина им даде нова динамика на напорите на Емануел Макрон да ја направи Европската Унија (ЕУ) поавтономна. Но лидерите на континентот сè уште треба да сфатат што значи тоа во практика. Францускиот претседател, кој неодамна ги пречека своите европски колеги во Версај на самитот што се одржа во сенка на војната, долго време тврди дека ЕУ треба помалку да се потпира на другите во сите сфери, од сопствената безбедност до снабдувањето со полуспроводници.
За владата на Макрон, кризата во Украина и нејзините реперкусии драматично ја илустрираа неговата поента, покажувајќи ја опасноста Европа да биде неспособна воено да се одбрани, силно зависна од руската енергија и премногу подложна на надворешни економски шокови. Украинскиот конфликт треба да ја поттикне ЕУ „да ја намали меѓузависноста со надворешниот свет, да не создаде автократија, туку форма на европска независност“, како што истакна Клеман Бон, францускиот министер за ЕУ.
Некои членки на Унијата, особено економските либерали и земјите со силни трансатлантски врски, отсекогаш се противеле на идејата за „стратегиска автономија“ на Макрон, плашејќи се дека тоа ќе значи диригизам, протекционизам и трик да се натера Европа да „ги прифати француските политики“. Кога станува збор за влијанието на воениот конфликт врз одбранбената политика, голем број високи европски функционери извлекуваат сосема поинаква лекција од Макрон, односно дека САД се од клучно значење за заштитата на Европа и дека НАТО сега е порелевантен отколку што беше претходно. Но дури и поранешните скептици сега ја прифаќаат севкупната агенда на Макрон, барем до одреден степен. Меѓутоа, во реторичка смисла, политичкиот центар на гравитацијата веќе се менува во насока на Макрон. Во нацрт-текстот, до кој дојде „Политико“, лидерите на ЕУ се обврзале на зголемување на трошоците за одбрана, постепено укинување на зависноста од руските фосилни горива и инвестирање за намалување на стратегиските зависности од странски стоки. Ова се истите приоритети што Макрон ги истакна неодамна во обраќањето до француската нација, кога ја претстави својата визија за трансформирање на ЕУ во вистинска сила.

Јакнење на одбраната

Во однос на одбранбената политика, шокот од руската воена операција во Украина имаше моментален ефект, највпечатливо во Германија, која ја напушти децениската воздржаност за да се заложи за огромно зголемување на воените трошоци. Во нацртот на версајската декларација, лидерите на ЕУ заеднички се согласија „одлучно да ги зајакнат нивните инвестиции“ во одбранбените капацитети и „суштински да ги зголемат“ трошоците за одбраната. Но како ќе се потрошат тие пари, останува да се процени. Поборниците на ЕУ да ги развива сопствените одбранбени капацитети тврдат дека тоа ќе го зајакне и НАТО. Но скептиците стравуваат дека парите на блокот може да се трошат на проекти што не се вклопуваат во приоритетите на НАТО.
Идејата за стратегиска автономија долго време се поврзува со одбраната. Но исто така, сега е на чело на дискусиите низ широк спектар области на политиката на ЕУ, особено енергетиката. Таа желба да се постигне поголем „енергетски суверенитет“ со брзо оддалечување од фосилните горива се вклопува со приоритетите на новата германската влада во која Зелените имаат истакната улога. Идејата за автономија станува актуелна и во земјоделската политика. Францускиот министер за земјоделство Жулиен Денорманди отиде дотаму што повика на „прехранбен суверенитет“ на состанокот на министрите за земјоделство на ЕУ, бидејќи украинскиот конфликт откри колку Унијата се потпира на увоз на ѓубрива од Русија и од Белорусија и житни култури од Украина. На состанокот во Версај, лидерите зборуваа „за подобрување на европската безбедност на храната со намалување на зависноста од увезените земјоделски производи“ и, исто така, за зголемување на инвестициите за да го направат блокот понезависен во клучните сектори како што се суровините, полуспроводниците и лековите.

Дебата за дигитализација

На технолошки план, заканата од руски сајбер-напади повторно ги поттикна повиците за јакнење на дигиталната безбедност и отпорност на ЕУ, вклучувајќи и преку поттикнување на европските бизниси во секторот и преземање политичка контрола на некои критични делови од технолошкиот синџир на снабдување. Европските министри одговорни за сајбер-безбедноста повикаа блокот „да ги зголеми фондовите за да промовира доверливи даватели на услуги за сајбер-безбедност“, додавајќи дека „поттикнувањето на развојот во овој сектор треба да биде приоритет на индустриската политика на блокот на полето на сајбер-безбедноста“.
Француските заложби за стратегиската автономија се движат толку брзо што економски полибералните земји имаат проблем да најдат кочница. Тие тврдат дека начинот да се направи ЕУ поотпорна е да се изградат повеќе мрежи со други истомисленици, наместо блокот да се сврти сам против себе. Меѓутоа, колку Европа ќе ја следи француската игра останува да се види. Во некои сектори, како што се трговијата и земјоделството, борбата допрва почнува, особено бидејќи полиберално настроените Чеси и Швеѓани ќе го преземат кормилото на Советот на ЕУ по Французите. Но Париз чувствува дека го има ветерот во едрата. Како што рече министерот за трговија на Франција, Франк Ристер, стратегиската автономија повеќе не е табу-тема.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска