Фото: Пиксабеј

ТЕКОТ НА ПАРИТЕ СТИГНА ДО ДОСКОРЕШЕН ЕВРОКОМЕСАР

Белгиската полиција во вторникот изврши претрес во домовите на поранешниот белгиски комесар за правда Дидие Рејндерс поради сомневање за перење пари, објави белгискиот весник „Ле соар“. Рејндерс, кој беше белгиски министер за финансии (1999-2011) и министер за надворешни работи (2011-2019) пред да ја преземе функцијата еврокомесар за правда во 2019 година, беше испрашуван од полицијата во вторникот попладне, но без апсење. Од обвинителството во Брисел за агенцијата ДПА потврдија дека истрагата е во тек, без да соопштат детали.
Европската комисија нема информации за истрагата и не била контактирана од белгиските власти, изјави во средата портпаролката на комисијата. Рејндерс не одговори на барањето на ДПА за коментар.
Поранешниот комесар, според белгискиот закон, сè уште ужива имунитет, иако неговиот мандат како еврокомесар заврши во саботата, што значи дека може да биде под истрага и испрашување, но не и приведен, пишува „Ле соар“.
Истражувачката платформа „Фолоу д мани“ и „Ле соар“ пишуваат дека Рејндерс е осомничен дека купил таканаречени „е-тикети“ делумно во готовина, во текот на неколкугодишен период, по што ќе ги префрли добивките на својата приватна сметка. Не е познато од каде се парите за набавка на овие тикети.
Електронските тикети се своевидна лотарија и вредат меѓу едно и 100 евра. Купената сума се кредитира на виртуелна сметка во Белгиската национална лотарија, која се користи за онлајн коцкање. Потенцијалните добивки може да се уплатат на приватни банкарски сметки.