Едно ново истражување ја отфрла оптимистичката теза дека војните денес се поретки и помалку смртоносни

Во 2011 година, психологот Стивен Пинкер го објави делото „Подобрите ангели на нашата природа“, бестселерот со смела теза дека речиси секоја форма на насилство, вклучувајќи ги и војните, бележи пад. Благодарение на ширењето на просветителските вредности, тврди Пинкер, луѓето станале помирољубиви и помалку крволочни. На прашањето во едно интервју во 2014 година дали луѓето некогаш ќе се свртат кон своето насилно минато, Пинкер одговори: „Колку е веројатно дека повторно ќе почнеме да фрламе девици во вулкани за да имаме подобро време или одново да отвориме пазари на робови во Њу Орлеанс? Мислам дека е малку веројатно.“

Пинкер не е првиот аналитичар што предвидува крај на војните. Политичкиот научник Џон Мулер даде сличен аргумент кон крајот на 1980-тите, тврдејќи дека се мали шансите за враќање на војните меѓу големите сили, слично како и ропството. Уште во првата деценија на 20 век, објавени се помалку од три книги во кои се третираше падот на војната. Најпознатата меѓу нив, „Големата илузија“, од Норман Енџел, беше објавена само четири години пред почетокот на Првата светска војна Тој напиша: „Како можеме да очекуваме да ги одржуваме во живот воинствените квалитети кога сите наши интереси и активности се мирољубиви?“
Во оваа вечна дебата сега се вклучува и Бер Браумулер, политички научник и статистичар на Државниот универзитет во Охајо, чија најнова книга „Само мртвите“ ја поткопува тезата за падот на војните.

– Во изминативе 200 години, не можам да најдам општ тренд на намалување на зачестеноста или смртноста на војните. Во најмала рака, точно е спротивното. Воопшто не е неверојатно во текот на вашиот живот да избие друга војна што би ги надминала двете светски војни според бројот на жртви – предупредува тој.
Несогласувањето помеѓу Браумулер и Пинкер произлегува пред сѐ од разликата во начинот на кој тие ги анализираат податоците. Од Втората светска војна до денес, меѓународниот конфликт навистина бележи пад. Сепак, ако се погледне пошироката слика, приказната е малку поинаква: Во текот на изминатите два века, стапката на почнување конфликти меѓу државите всушност се зголеми. Според Браумулер, графиконите на Пинкер тоа не го покажуваат делумно и затоа што тие вклучуваат податоци само од Европа. Покрај двете светски војни, Студената војна беше најконфликтниот период по Наполеоновките војни, а крајот на Студената војна беше прв период кога стапката на започнување конфликти забележа пад по речиси 200 години. Стапката на иницирање конфликти е мерка колку често државите прибегнуваат кон сила споредена со бројот на можности за појава на насилства. Но Браумулер тврди дека неговите откритија важат без разлика како се мери војната. Дури и кога се мери склоноста на државите да водат тотални војни, Студената војна беше еден од највоинствените периоди во изминатите 200 години, надвор од двете светски војни.

Оптимистите што поддржуваат пад на војните често ги сметаат едната или двете светски војни за аномалии, фокусирајќи се на 70-годишниот период познат како долг мир, што следува по нив. Но без поригорозна статистика, не е можно да се каже дали седумдеценискиот долг мир по Втората светска војна убедливо демонстрира дека светот стана помирен. Тоа исто толку лесно може да ѝ се припише на случајност. Во обид да открие што е поверојатно, Браумулер користи статистички методи за да ја оддели основната стапка на почнување конфликти и смртноста на војните од низата случајни варијации. Тој открива дека смртноста на војните не се намалила во изминатите 200 години, без разлика дали се мери во апсолутни бројки или во однос на населенијата на завојуваните страни. Тој исто така открива оти не постои систематски тренд на намалување на силата на причините за војни, како и дека иако стапката на започнување меѓународен конфликт навистина паднала на самиот крај од Студената војна, таа всушност стабилно растела до 1990-тите.

Анализата на податоците од Браумулер е и интересна и убедлива. Можеби неговите најпроблематични откритија се однесуваат на потенцијалот за ескалација на војната. Војната, како и земјотресите и терористичките напади, следи необична дистрибуција на веројатност. Еден од клучните аспекти на истражувањето на Браумулер е неговото внимание кон помалку познати, но неверојатно насилни конфликти. На пример, кога мерите жртви како процент од населенијата на завојуваните страни, двете светски војни не се ниту меѓу трите најсмртоносни војни на сите времиња. Пред нив е, на пример, војната меѓу Иран и Ирак во 1980-тите.
– Војните ескалираат побрзо и достигнуваат зачудувачки големини отколку што било друго во природата – пишува тој.

Како што покажува Браумулер во својата анализа на војните од 1945 година досега, штом ќе почнат, војните го задржуваат истиот разурнувачки ескалациски потенцијал и денес, исто како и во 1913 или во 1938 година. Денес, забележува тој, шансата дека нова војна ќе ескалира во приближно смртоносен конфликт како Првата светска војна е околу еден процент. Шансата дека една нова војна ќе предизвика речиси двојно повеќе смртни борби отколку Втората светска војна, во која беа убиени околу 65 милиони луѓе, е еден спрема 200. Можеби звучи малку, но како што истакнува Браумулер, ако продолжиме да водиме војни со по повеќе од 1.000 жртви барем еднаш годишно, веројатноста да избие глобална војна во овој век се зголемува на речиси 40 отсто. Иако судирите на големите сили не доведоа до нова тотална војна по Втората светска војна, ескалациската динамика што предизвика масакри за време на иранско-ирачката војна или во двете светски војни е присутна и денес, предупредува Браумулер.

Денес, во услови на голема регионална војна на Блискиот Исток, во ситуација кога либералниот меѓународен поредок е под закана, додека американско-кинеските односи драматично се заоструваат, истражувањето на Браумулер е многу трезвено и е најсериозен одговор на тврдењата на Пинкер. Тој и другите оптимисти сигурно брзо ќе одговорат и дебатата за (не)безбедноста на светот ќе продолжи. Но битно е да се добие точен одговор. Намерно или не, како што вели Браумулер, теоретичарите за падот на војните поттикнуваат еден вид незаинтересираност и апатија во светот. Историски гледано, светот најсилно работеше за изградба на меѓународен мир во моменти кога заканите од конфликт беа најочигледни. Своевремено, глобалните војни го разбудија светот и го натераа да бара мир. Што е она што сега ќе нѐ натера да го направиме истото тоа?