Политиката на санкции на Европската Унија би можела да го искористи механизмот за градење коалиции од Членот 42.7, поточно клаузулата за заедничка одбрана на Унијата, како одговор на грубото кршење на суверенитетот преку економски принуди, вели Клара Софи Крамер за ЕЦФР

Дипломатското милје на европските меѓудржавни релации со Истокот

Членките на Европската Унија (ЕУ) традиционално заедно усвојуваат санкции. За тоа постојат многу добри причини, вклучувајќи ја и желбата да се задржат интегритетот на политичката унија и единствениот пазар. Но за подобро да се одбрани од агресивни економски напади од држави како што се Кина и Русија, ЕУ би можела да извлече поуки од клаузулата за заедничка одбрана, членот 42.7, кој честопати се занемарува. Членките на Унијата можат да го активираат овој член без вклучување на европските институции. Тие бараат и обезбедуваат помош на исклучиво билатерална основа. Во практика, една ад хок коалиција на членки дава поддршка за земја што станала „жртва на оружен напад“, како што го дефинира тоа членот 42.7. Членот е правна конструкција полна со нејаснотии, што може да создаде опасни неизвесности за европската одбранбена политика. Меѓутоа, и покрај ограничувањата на членот 42.7, неговиот билатерален механизам за активирање може да послужи како модел во напорите на членките да го подобрат нивниот одговор на акутните економски напади што го загрозуваат нивниот суверенитет. Почитувањето на институционалните традиции може да предизвика повеќе штета отколку добро во ера кога геополитиката и економијата се тесно испреплетени. Во одредени случаи на економска принуда, едногласната гласачка постапка што Советот за надворешни работи (ФАЦ) ја користи за воведување противсанкции, која претставува деликатен, контроверзен процес што отвора широк спектар прашања, може да биде пример за таква штетна традиција.

Страв од економски притисок

За некои од понаметливите трговски партнери на ЕУ, насочените санкции веќе долго време се вообичаена алатка за да се стават европските ентитети под економски притисок и со тоа да се влијае врз политичките одлуки на членките. Еден таков пример е тоа што Кина воведе агресивни противсанкции во март 2021 година за европските дипломати, истражувачи и трговци, што претставува потег како одговор на европските санкции за човекови права врз таа држава. За блокот, употребата на санкции останува претежно ограничена на традиционалните граници од заедничката надворешна и безбедносна политика, како средство за „спречување конфликт или одговор на новонастанатите или тековните кризи“. Сепак, европските лидери честопати го занемаруваат фактот дека економската принуда може лесно да предизвика такви конфликти и кризи со кршење на сувереното одлучување, што е основен принцип на меѓународното право.
Откако Русија во април 2021 година се закани дека ќе го забрани увозот на пиво од Чешка, некои членови на Владата во Прага веројатно зажалија за нивниот обид да ги повикаат руските разузнавачки агенции на одговорност за експлозиите во депонијата за муниција кај Врбетице во 2014 година. Некои германски официјални лица сè уште стравуваат од помислата за заканата на Пекинг да воведе царини за германскиот автомобилски извоз, кое беше предупредување со цел да се спречи Берлин да ја одбие понудата на „Хуавеи“ за изградба на 5Г-инфраструктура во земјата. Сепак, ваквата вербална закана најверојатно придонесе за одлуката на Демохристијанската унија да не го забрани целосно „Хуавеи“.
Европските противсанкции може да претставуваат ефикасен и легитимен одговор на таквите груби прекршувања на суверенитетот преку економска принуда. Личните санкции, како што се замрзнување на имотот или патните забрани, не треба да наметнуваат директни трошоци за европската економија. Истовремено, санкционираните владини претставници или директори на компании најверојатно ќе размислат двапати следниот пат кога ќе сакаат да ги уценуваат европските фирми или политичари, барем теоретски. Но во практика, ниту еден поединец или ентитет што станал цел нема да верува дека ФАЦ може да ја постигне едногласноста потребна за воведување противсанкции. Ова е делумно така затоа што економската принуда обично има асиметрични ефекти, во смисла дека ѝ нанесува штета на една членка повеќе отколку на другите.

Што значи активирање на членот 42.7?

За да стане поверодостојна алатка за борба против акутните економски напади, политиката на санкции на ЕУ може да искористи делови од членот 42.7. Кога Франција го активираше членот по терористичките напади во Париз во 2014 година, не мораше да чека за едногласна одлука на ФАЦ, туку можеше веднаш да побара билатерална поддршка од другите членки. Повеќето влади на ЕУ се согласија да ѝ помогнат на Франција на некој начин. Оние што не дадоа помош, не беа само неутралните Австрија и Малта, туку беа и Бугарија и Хрватска. На овој начин, Франција ги избегна здодевните преговори на Советот за да добие согласност од овие земји, овозможувајќи ѝ да добие брза и ефикасна поддршка од коалицијата на членките.
Европската политика на санкции може да го употреби овој механизам за градење коалиција како одговор на грубите прекршувања на суверенитетот преку економска принуда.