Нови работни места се отвораат со забрзано темпо во Источна Европа, што би можело во иднина скапо да ја чини Европската Унија, велат Нима Санандаџи и Клас Тиканен од „Форин полиси“

Додека европските нации се фокусираат како да се справат со актуелните нарушувања предизвикани од пандемијата на ковид-19, сепак под површината многу подлабоки промени го редефинираат интелектуалниот пазар на трудот во Европа. Во соработка со водечката нордиска фирма за приватен капитал „Нордик капитал“, Европскиот центар за претприемаштво и политички реформи (ЕЦЕПР) неодамна ги мапира локациите во Европа со работни места каде што масовно се бара интелектуалниот труд. Индексот опфати работни места во четири интелектуални индустрии: технолошкиот сектор, информациската и комуникациската технологија, напредните услуги и креативните професии. Во мерењето на процентуалниот удел на работоспособното население во 31 европска држава и 283 региони што е вклучено во оваа деловна сфера, истражувањето откри значителни промени во географската дистрибуција на интелектуалната индустрија во Европа.
Пред пандемијата на ковид-19, интелектуалните работни позиции постепено растеа во број во Европа. Како што укажува извештајот на „Нордик капитал“ и ЕЦЕПР, просечно меѓу 2013 и 2019 година, 509.000 интелектуални позиции годишно се отвораа во економиите од Европската Унија (ЕУ) заедно со Велика Британија, Швајцарија, Норвешка и Исланд. Сепак во 2020 година, вкупниот број на интелектуални работни места првпат опаднал за речиси 167.000 работни места откако пред пет години започна истражувањето. Исклучок бил Нордискиот Регион каде што се отвориле нови 8,600 работни места во интелектуалниот сектор и покрај пандемијата. Можно објаснување е тоа што нордиските фирми продолжија да имаат добар пристап до растот на капиталот.

Нова географија во интелектуалниот сектор

Во меѓувреме, како што се наведува во извештајот, се променила географијата на интелектуалниот деловен сектор. Иако највисоката концентрација на вакви работни места е во Швајцарија, а потоа и во Шведска, Холандија, Луксембург и Данска, сепак растот е поголем на други места. Од 2014 година, Кипар забележа речиси 50 отсто зголемување по жител во работните места во интелектуалниот сектор, додека Словачка, Унгарија, Полска, Летонија, Португалија и Бугарија забележаа зголемување на работните места за една третина или повеќе. Во Естонија работните места во интелектуалниот сектор се зголемиле за нешто помалку од една третина.
Од друга страна, Естонија и Унгарија во моментов имаат повисок удел од нивното работоспособно население во интелектуалниот сектор од неколку побогати европски држави како Норвешка, Белгија, Австрија и Франција. Европскиот Регион со највисока концентрација на интелектуални работни места е словачкиот главен град Братислава каде што 22 отсто од работоспособното население спаѓа во таа категорија. Братислава заедно со други региони што бележат брз развој, како Прага, Будимпешта, Варшава и Букурешт, имаат 923.000 работни места во интелектуалниот сектор што е слично со Лондон во уделот на работоспособното население. Братислава, Прага и Будимпешта имаат повисока концентрација на интелектуални работни места по жител од Лондон додека Варшава и Букурешт се со нешто пониски бројки.

Голем јаз во претприемаштвото

Во секој случај, Европа целокупно има претприемачки јаз во споредба со САД, како што може да се забележи од тоа какви американски милијардери се наоѓаат на листата на најбогати според „Форбс“. Во 2020 година, бројот на милијардери во САД порасна од 607 на 614, генерално во технолошкиот и интелектуалниот сектор, додека тој број во Кина порасна од 324 на 389 милијардери. Пет водечки европски држави, како Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Швајцарија, забележаа пад во оваа категорија. Сепак иднината на европското претприемаштво и развој се светли, бидејќи се разгорува конкуренцијата меѓу европските држави. Со тоа што истокот на Европа доживува бум на интелектуалните работни места, Франција и Белгија ќе треба понапорно да работат за да го привлечат ризичниот капитал, што значи дека треба да почнат да прифаќаат нови индустрии. Од почетокот на европската цивилизација до ренесансата и индустриската револуција, отсекогаш победничка формула за Европа беше натпреварот меѓу соседните држави за привлекување на бизнисите.