Производството на палмино масло драстично се зголеми во последните пет децении благодарение на неговата разновидност и еластичност. Тоа не се расипува лесно и има висока точка на топење, што се клучни предности во однос на другите растителни масла, заедно со неговата пониска цена. Затоа маслото денес е присутно во цела палета производи што се користат секојдневно, како леб, чоколадо или средства за лична хигиена. Годишното производство се зголеми за четири пати во периодот помеѓу 1995 и 2015 година и се очекува повторно да се зголеми за четири пати до 2050 година.
Порастот на производството на палмино масло има катастрофални последици за животната средина, имајќи предвид дека се одгледува во тропски дождовни шуми. Тоа доведе до масовно и неконтролирано уништување на шумите, разорувајќи ги живеалиштата на голем број загрозени видови, како орангутани, тигри и носорози. Исто така, производството на палмино масло има големо влијание врз руралните региони на посиромашните земји, каде што доведе до поголеми приходи, но и до широкораспространети повреди на човековите и на работничките права.

Со оглед на тоа колку е широкораспространето палминото масло, прашањето е кои земји го произведуваат. Податоците на Министерството за земјоделство на САД покажуваат дека речиси 85 проценти од производството на палмино масло е концентрирано само во две земји – Индонезија и Малезија. Во 2019 година, Индонезија произведе 42,5 милиони тони, или 58 проценти од глобалното снабдување со палмино масло, додека Малезија направи 19 милиони тони, или 26 проценти.