Разни компании им нудат пари на истражувачите за да откупат податоци за милиони корисници на Фејсбук

Повеќе од една деценија, истражувачи од разни образовни институции во светот собираат податоци за милиони корисници на Фејсбук во научни цели. Со скандалот со „Кембриџ аналитика“ се дозна како може да се злоупотребат овие податоци. Експертите предупредуваат дека со толку незаштитени податоци што ги користат научниците, во иднина ќе избијат уште поголеми скандали

 

Во јули 2014 година, еден тим од четворица шведски и полски истражувачи почна да користи автоматизирана програма за да открие што објавуваат луѓето на Фејсбук. Програмата позната како „Скрепер“ им овозможи на истражувачите да ги заведуваат сите коментари и интеракцијата од 160 јавни страни на Фејсбук во период од речиси две години. До мај 2016 година, тие имаа собрано доволно податоци за да можат да следат како 368 милиони корисници на Фејсбук се однесуваа на социјалната мрежа. Станува збор за еден од најголемите познати збирови на податоци за корисници што некогаш биле собрани од Фејсбук.

– Загрижени сме за тоа колку беше лесно да се дојде до нив – изјави Фредерик Ерландсон, еден од истражувачите и професор на институтот за технологија „Блекинге“ во Шведска. Лани во декември тој, заедно со неговите колеги, објави труд во списанието „Ентропи“ за тоа како можат да се искористат нивните методи за пребарување на социјалните мрежи.

Повеќе од една деценија професори, докторанди и истражувачи од академските институции во светот собраа информации од Фејсбук со помош на техники слични на оние на д-р Ерландсон и неговиот тим. Тие собраа огромен број податоци од Фејсбук за однесувањето на стотици милиони поединци според информациите од повеќе од десетина научници.

Нивната работа се најде во фокусот на вниманието во март, кога „Њујорк тајмс“ и лондонски „Обзервер“ пренесоа дека Александар Коган, професор по психологија на универзитетот „Кембриџ“, добил податоци од 87 милиони корисници на Фејсбук преку квиз-апликација. Коган ѝ ги продал информациите на „Кембриџ аналитика“, политичко-консултантска фирма поврзана со кампањата на Трамп, за да може да создаде психографски профили на американските гласачи. Неодамна „Кембриџ аналитика“ изјави дека ќе престане со работа по скандалот за користење лични податоци.

Иако е познато што се случи со собраните податоци на Коган од Фејсбук, судбината на другите податоци е нејасна. Во многу случаи податоците се користеле за истражувања или за научни трудови. Информациите понекогаш не се заштитувале и се чувале на отворени сервери до кои секој можел да има пристап. Некои академици изјавија дека податоците можеле лесно да се преземат и да им се продаваат на маркетинг-агенции или на политичко-консултантски фирми.

Можниот исход е уште поголемо протекување информации од Фејсбук преку академските кругови, како што вели Размус Клајс Нилсен, професор по политички комуникации на универзитетот „Оксфорд“, кој ги проучувал собраните податоци од Фејсбук.

– Академскиот свет е силно децентрализиран и секој поединец, секоја институција поинаку ги чува нивните податоци. Дури и ако речиси сите во академската заедница внимаваат и ги заштитуваат податоците, сепак можете да се најдете во ситуација во која некој ќе биде невнимателен или за некаква корист ќе го продаде пристапот. Тешко е да се замисли како Фејсбук би го спречил ова – вели Нилсен.

„Тајмс“ прегледа повеќе збирови податоци од Фејсбук што академиците ги собрале во периодот од 2006 до 2017 година. Во еден од збировите направен од 2015 до 2017 година од страна на истражувачи во Данска и Нов Зеланд, имало податоци од 1,3 милион луѓе во Данска, што е околу една четвртина од населението во државата, за да се одреди како допаѓањето на една политичка страна на Фејсбук може да предвиди како некој би гласал во иднина. Друг збир направен во 2013 година, од страна на норвешки академици, се фокусира на граѓанската вклученост на 21 милион корисник на Фејсбук на четири континенти.

Данскиот истражувачки тим не сакаше да коментира на ова прашање. Питер Беј Брандцег, еден од норвешките истражувачи, е свесен за последиците од собирањето на податоците.

– Како истражувач имате директен пристап до однесувањето на луѓето, до нивните ставови, чувства и врски, кои за сите претставуваат едно искушение – наведе Брандцег во еден имејл, додавајќи дека истражувачите немале техничка експертиза за соодветно да ги заштитат податоците.

Податоците од Фејсбук обично се собирале преку посебни програми што ја поврзувале социјалната мрежа со документ што бил објавен или преку квиз-апликации што барале пристап до корисничките сметки на луѓето. Во резултатите биле вклучени локациите, интересите, политичките ставови, интеракцијата и дури музичките вкусови на корисниците на Фејсбук.

Во повеќето случаи, истражувачите ги заведувале со броеви луѓето чии информации ги добиле од Фејсбук за да ја зачуваат нивната анонимност. Но колку повеќе податоци, толку е полесно да се преклопи еден информациски збир со друг за некој да се идентификува. Во еден труд објавен во списанието „Сајнс“ во 2015 година беше третирано прашањето за купување со кредитни картички и притоа научниците откриле дека можеле да ги поврзат купувачите со името во 90 отсто од случаите само со неколку случајни информации што ги добиле од портали како Фејсбук, Инстаграм и Твитер.

Откако луѓето ќе бидат идентификувани и ќе станат познати по нивните интереси и интеракции, тогаш тие можат да станат маркетиншки цели и да бидат мобилизирани за политички кампањи или други потреби.

Со години Фејсбук немаше посебни политики за пристапот до податоци на академиците, иако имаше прописи за соработка со трети страни. Иако компанијата има правило со кое се забранува користењето специјални програми за собирање податоци, сепак тоа не важеше за научниците и во неколку наврати им помагаше на истражувачите за нивните студии.

Во 2014 година, Фејсбук почна да ги ограничува апликациите на трети страни, како што се квизовите, за да немаат пристап до информациите на корисниците.
Бидејќи беше објавено за активностите на Коган, што поттикна незадоволство за приватноста на податоците, Фејсбук одлучи да направи промени. Компанијата им даде повеќе можности на луѓето да ја контролираат својата приватност. Така беа испитани сите апликации што собирале огромни количества информации од Фејсбук и привремено ги спречи новите апликации да го прават истото тоа со своите корисници.
Минатиот месец, Фејсбук исто така го намали бројот на академици со кои соработува, така што соопшти дека ќе соработува само со оние што сакаат да го истражуваат влијанието на социјалните медиуми врз изборите преку „независна изборна истражувачка комисија“. Можат да аплицираат само научниците што работат на проекти поврзани со изборите.

– Преземаме силни мерки за тоа какви информации можат да користат апликациите кога се поврзуваат со Фејсбук, како и со поинаква работа со податоци. Поинаквата работа со податоци вклучува и академски истражувања – изјави Сузан Глик, портпаролка за Фејсбук.

Пред постоењето на социјалните медиуми, истражувачите што сакаа да го проучуваат човечкото однесување мораа макотрпно да наоѓаат групи луѓе за да ги испитуваат. Социјалните медиуми им овозможија лесно да пронаоѓаат голем број испитаници, како и информации за нивните датуми на раѓање, пол и интереси, и да следат дел од нивното однесување онлајн во реално време.

Кристијан Радер, основачот на социјална мрежа за состанување „Ок-Кјупид“ и автор на книгата „Податочна катаклизма“ од 2014 година, вели дека ова било невидено досега.

Професорите од „Харвард“ собираа податоци од Фејсбук уште од 2006 година. Во нивните истражувања беа опфатени 1.700 лица што се согласиле нивните информации на Фејсбук анонимно да се анализираат. Потоа лесен пристап до тие податоци имале други академици и дури бруцошите на „Харвард“.

Во Британија, истражувачите постапувале слично, но со поинакви средства. Во 2007 година, Михал Косински, тогашен заменик-директор на Центарот за психометрија на универзитетот „Кембриџ“, соработувал со друг колега, Дејвид Стилвел, за да го создадат „Мој карактер“, квиз-апликацијата со која се одредувал карактерот на луѓето во замена за пристап до личните податоци. Тогаш првпат квиз-апликација се искористи за да се добијат информации од корисниците на Фејсбук.

„Мој карактер“ сега располага со податоци за над шест милиони корисници на Фејсбук, според академиците што ги собирале. Многу истражувачи оттогаш го искористија овој метод на квиз-апликација, вклучувајќи го и Коган.
Во интервјуата за „Тајмс“, Косински и Стилвел изјавија дека особено внимавале податоците да останат анонимни. Стилвел додаде и дека информациите биле споделени со други истражувачи, но академиците имале забрана за користење.
Косински призна дека податоците не се физички елемент што може лесно да се контролира. Кога ќе се создадат збировите на податоци, тие можат да се копираат и да се споделуваат, додека нивниот оригинален извор е непознат. Тој порача дека бројот на информации од Фејсбук се зголемувал низ годините, не само преку академиците туку и преку програмерите, огласувачите, компаниите за анализа на податоци и многу други.

– Не беше во ред тоа што го направи Коган, но многу други го прават истото тоа, ама во поголем размер, само што нив никој не ги открил – порача Косински.
Во 2014 година, откако Фејсбук најави дека ќе наметне ограничувања за апликациите од трета страна да имаат пристап до податоците на корисниците, беше ограничен и пристапот на квиз-апликациите. Но програмите за собирање податоци беа подобрени и многу побрзо ги собираа од социјалните мрежи.

Една група германски академици ги користеа ваквите програми за да дојдат до податоците на 60.000 кориснички сметки на Фејсбук во реонот на Њу Орлеанс на крајот од 2008 година. Истражувачите, чија цел беше да проучуваат како се менуваат пријателските врски на луѓето на Интернет со текот на времето, забележаа 800.000 интеракции за временски период од две години. Тие не сакаа да дадат коментар на прашањето.

Некои научници рекоа дека промените во приватноста на Фејсбук беа претерани затоа што им се скрати пристапот на академиците што ги почитуваа правилата.
– Академиците тврдат дека им е потребен пристап до основните податоци – изјави д-р Нилсен од Оксфорд.

Тој порача дека промените можат да предизвикаат несиметричност со тоа што внатрешните истражувачи во Фејсбук собираат огромни податоци, додека надворешните академици немаат пристап до нив.

– Ако се случи тоа, само Фејсбук навистина ќе знае како всушност функционира Фејсбук и како се однесуваат луѓето на социјалната мрежа – порача тој.
Ерландсон изјави дека трудот што тој и неговите колеги го објавиле лани во декември првично не предизвикал голема реакција. Но по откритијата за „Кембриџ аналитика“, забележал зголемен интерес за него. Тој наведе дека со него контактирале компании, за кои одби да каже кои се, што биле заинтересирани да откупат податоци на 368 милиони корисници на Фејсбук.

– Не сакам да попувам, а вистината е дека секој може многу лесно да дојде до овие податоци – изјави тој.

Професорот Александар Коган добил податоци за 87 милиони корисници на Фејсбук, а потоа и ги дал на фирмата што беше поврзана со кампањата на Трамп „Кембриџ аналитика“, за да цели на гласачи на изборите во САД