Земјите од Бенелукс, Белгија, Холандија и Луксембург, имаат несогласувања за мерките воведени како одговор на пандемијата на коронавирусот

Белгија го расипа пријателството со соседите поради граничните политики. Земјата во март ги затвори своите граници за несуштинско патување во обид да го забави ширењето на коронавирусот, заедно со повеќе други европски земји. Ова доведе до застој во слободното патување во тесноповрзаниот Бенелукс и налути илјадници луѓе. Повторното отворање е еднакво контроверзно.
Белгија почна да ги олеснува карантинските мерки, со повторното отворање на училиштата, а луѓето ќе можат да се среќаваат со пријатели во своите домови. Но таа презема повнимателен пристап кон своите граници. Официјалната политика е дека Белгија сака да го обнови прекуграничниот сообраќај „најдоцна“ до 15 јуни, според министерот за внатрешни работи Питер де Крем.

Но во објава на Фејсбук, тој посочи дека на луѓето ќе им биде дозволено преку граница да посетуваат членови на семејството, но не и пријатели, проширувајќи го списокот на исклучоци, кој вклучува и товарен превоз, прекугранични работници и двојки што живеат на различни страни од границата. Новата мерка е одговор на барањата од пограничните општини, каде што разбирањето за драстичните мерки на Белгија почна да исчезнува.
– Многу добро разбрав дека границите се затворени во екот на корона-кризата. Но треба да се биде свесен за тоа што мерките им го прават на луѓето од пограничните региони – вели Анемари Пен-те Штраке, градоначалничка на холандскиот град Мастрихт.

Претседателите на пет холандски безбедносни региони, кои ги координираат кризните мерки и кои граничат со Белгија, побараа од холандскиот министер за правда, Фердинанд Граперхаус, да изврши притисок врз белгиските колеги „што поскоро“ да ја отворат границата. Холандскиот министер го поздрави потегот на Белгија, објавувајќи дека имал „чести контакти“ со Брисел за да го постигне тоа. Но новите мерки создадоа и забуна. Се дозна дека тие опфаќаат прекугранични патувања за пазарење, за кои Владата подоцна разјасни дека биле насочени кон луѓето во пограничните региони. Владата мораше и да се повлече од извештаите дека француската граница ќе биде отворена. Министерот за надворешни работи, Филип Гофин, се извини за „лошата комуникација“ на Владата.

– Во март границата се затвори без никакви консултации и сега пак сме изненадени – вели Марга Верму, градоначалничка на холандскиот Слуис.
Некои луѓе мислат дека историјата треба да има удел, дури и во време на криза. Недостигот од соработка помеѓу Белгија, Холандија и Луксембург е „неприфатлив“ според Густи Грас, луксембуршкиот претседател на парламентот на Бенелукс, кој е составен од пратеници од трите земји. Регионот Бенелукс се гордее со тоа што претставува мини-лабораторија на соработка во ЕУ. Групата од три членки воведе слободно движење уште во 1960 година. Нивната соработка „отсекогаш била модел“, но, како што вели Грас, трите земји открија дека има „пукнатини“ во соработката. Во писмо до премиерите на државите, комисија на парламентот нагласи дека земјите не треба само да ги отвораат границите туку и да воспостават заедничка стратегија и да спречуваат затворање на границите во иднина.

– Таквиот заеднички пристап ќе значи дека Бенелукс дејствува како една целина, дека територијата на Бенелукс дејствува како една територија, а не како територија поделена во три различни земји – вели Грас.
Пратениците посочија оти Бенелукс може да го следи примерот на балтичките држави, кои веќе ги отстранија ограничувањата за патување меѓу нив.
Во Белгија, една петиција до федералната влада, во која се наведува „огромното влијание“ на граничните ограничувања врз луѓето што живеат во близината на границата, собра над 17.000 потписи. Сани ван Зијст, која стои зад петицијата, живее и работи во Белгија, но речиси сите нејзини пријатели и семејството се преку границата. Според неа, затворањето на границата е уште потешко сега откако Белгија почна да ги олеснува карантинските мерки.

– Секој има право повторно да види неколку луѓе, да направи неколку работи. Но луѓето што сакам да ги видам се од другата страна на границата – вели таа.
Според неа, властите често ги забораваат граничните региони кога ги креираат политиките. Таа смета дека за тоа треба да се решава на европско ниво.
Карантинските мерки не ги погодија само граничните региони на Бенелукс, но Грас смета дека групата требало подобро да се справи со кризата.
– Со децении има толку добра координација и разбирање меѓу трите земји, но тие сега се малку оштетени – смета Грас.