Топло-ладниот однос се очекува да продолжи барем до изборите во ноември во САД

САД и Европа се како стара брачна двојка. Децата веќе го напуштија домот, љубовта едвај постои, но разводот не доаѓа предвид, па затоа мора да се решат некои основни прашања за да се има мирен соживот

Дали односите ЕУ-САД достигнаа ново дно? Навистина е неверојатно колку пати во изминатите години официјални лица од обете страни на Атлантикот го поставија ова прашање. Според неодамнешните анкети, Европејците, а особено Германците се оддалечуваат од САД под водство на претседателот Доналд Трамп. Друга анкета спроведена во Британија, исто така, открива влошување на гледиштето на Британците кон САД од почетокот на пандемијата. Трето истражување, пак, покажа дека само два отсто од Французите му веруваат на Трамп да го предводи светот.
Самиот Трамп не го крие својот евроскептицизам. Односите меѓу САД и Германија во моментот веќе се во замрзнување, а се чини дека Вашингтон има основна цел да ги подели Германија и Франција, традиционалниот двоен мотор на интеграцијата во ЕУ.

Промената во трансатлантскиот однос сѐ повеќе се забележува и во однесувањето на европските влади, кои се чини дека се подготвени да ги игнорираат заканите на Трамп за создавање поблиски врски со Кина. Во неделите пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделникот на 15 јуни со американскиот државен секретар Мајк Помпео, главниот дипломат на ЕУ, Јосеп Борел, го отфрли „усогласувањето“ со САД против Кина и ја минимизира идејата за „систематско ривалство“ со Пекинг. Иако за Европа можеби се сметаше дека седи на два стола, таа досега избра прагматизам во врска со повиците на Вашингтон за конфронтација со Кина. Некои дури може да речат дека додворувањето на Пекинг е добредојдено одвраќање од гласниот и неуреден однос меѓу ЕУ и САД под администрацијата на Трамп. Но оваа блескава дивергенција во однос на Кина е само една од многуте длабоки трансатлантски разлики во мислењата.

Поплаките на Трамп за недостиг од европско трошење за безбедност и одбрана, како и за европска „стратегиска автономија“, исто така, станаа поголем блок на сопнување.
Неодамна реализираните планови за повлекување на војската на САД од Германија се сметаа како сериозен прашалник во врска со децениското учество на Америка во безбедносната архитектура. Американските даночни обврзници повеќе не чувствуваат дека треба да плаќаат премногу за одбрана на другите земји, коментира американскиот амбасадор во заминување во Германија.
Тука е општото непочитување на администрацијата на Трамп за мултилатерализамот и повлекување од повеќе зделки и договори, кои или биле посредувани од Европејците или имаат директно, драматично влијание врз нив.

За трговијата, САД ја третираат ЕУ како конкурент, а не како партнер, а најдлабок извор на фрустрација за Трамп е големиот трговски суфицит на Европа со САД.
Сепак, пред најновата американско-европска средба неделава, висок претставник на ЕУ инсистираше дека партнерството со САД сè уште е „најважниот билатерален однос на ЕУ“. Засега, нејасниот топло-ладен однос меѓу ЕУ и САД ќе продолжи, барем до претседателските избори во САД во ноември.