Трамп досега имаше противречни ставови за НАТО

Нова анкета покажува дека американската јавност сака лидерите повеќе да се фокусираат на домашните проблеми отколку на странските воени операции

ИСПИТУВАЊЕ НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ ВО САД

САД се активен воен играч во целиот свет од крајот на Студената војна. Американците водеа крвави и скапи војни во Ирак и во Авганистан, а спроведува и значајни воени операции на Балканот, Либија, Сирија и други жаришта на Блискиот Исток и Северна Африка. Изборот на Доналд Трамп и значајната поддршка што ја добија Берни Сандерс и Елизабет Ворен во демократскиот табор укажуваат дека Американците се изморени од овој тежок товар. Овие избрани функционери видно повикуваа на ново размислување за улогата на Америка во светот и имаа придобивки од тоа.
Нова анкета на „Југов“ дава дополнителни докази дека американската јавност поддржува пореална надворешна политика и сака нејзините водачи да се фокусираат повеќе на домашните потреби отколку на странските проекти. „Југов“ интервјуира две илјади луѓе од 24 до 27 јули 2020 година и ги анализира податоците од анкетата врз основа на дадените одговори. Со оглед на тоа колку е поларизирана американската држава за многу други проблеми, особено е впечатливо колку се обединети Американците во однос на завршувањето на бесконечните војни на Блискиот Исток и на избегнувањето нов ангажман во поголеми конфликти во странство.

Американците, без оглед на партиската определба, сакаат нивните водачи да го насочат своето внимание на домашниот фронт, наместо во странство. Вкупно 75 отсто од Американците се согласуваат со изјавата: „САД треба да им дадат приоритет на домашните прашања наспроти надворешнополитичките прашања“. Истовремено, само шест отсто сакаат САД да ѝ дадат приоритет на надворешната политика. Дури 82 отсто од републиканците се согласуваат со изјавата и само четири отсто од оние што се идентификуваат со Републиканската партија им даваат приоритет на прашањата од надворешната политика. Поделбата кај демократите помалку драматична, на 75 отсто наспроти шест отсто.
Кога станува збор за прашањето на воениот ангажман на САД во конфликти низ целиот свет, Американците повторно претпочитаат поголема претпазливост. Речиси половина од испитаниците, 48 отсто, веруваат дека САД треба да бидат помалку воено ангажирани во конфликти во светот, а само седум отсто сакаат поголем воен ангажман.

Овој пресврт е особено забележителен во однос на тоа како американската јавност размислува за долгогодишните војни на САД во Ирак и во Авганистан. Околу 74 проценти од Американците поддржуваат повлекување на американските сили од Ирак, додека само 11 отсто се против таквиот потег. Поддршката за воено повлекување од Авганистан е уште поголема, при што 76 отсто од Американците се „за“ повлекување од земјата додека само 10 отсто се „против“. Речиси половина од Американците „силно го поддржуваат“ повлекувањето на силите од таа земја.
Со оглед на зголемената поларизација на гласачкото тело во САД, забележително е дека поддршката за повлекување од Авганистан значително се зголеми во изминатите две години. Во март 2018 година, 50 отсто од Американците поддржуваа намалување или целосно повлекување на американските сили од Авганистан, додека 16 отсто поддржуваа зголемување на бројот, а 19 отсто поддржуваа одржување на истото воено присуство. До јануари 2020 година, 69 отсто од Американците поддржуваа повлекување на американските војници од Авганистан. Во моментот, како што е наведено погоре, бројот на Американци што се „за“ повлекување на американските трупи сили од Авганистан е 76 отсто. Иако прашањата беа различни, одговорите покажуваа ист тренд, дека поддршката за повлекување од Авганистан расте.
Од друга страна, Американците се поделени за нивото на војската на САД во Европа.

Над една третина или поточно 36 отсто од Американците сметаат дека треба да се намали бројот на американски сили стационирани во Европа, додека 40 отсто сакаат да се задржи истото американско воено присуство на Стариот Континент. Само четири отсто се за зголемување на нивоата на американските сили. Без оглед на ставот за бројот на силите што треба да се задржи во Европа, речиси половина (47 отсто) од Американците сметаат дека НАТО е помалку релевантно во денешниот свет за разлика од пред 70 години, додека само 29 отсто сметаат дека е порелевантно. Ова е одраз на значајните промени од крајот на Студената војна.
Во однос на Кина, повеќе од половина од јавноста смета дека таа е воена закана за САД, додека помалку од една четвртина сметаат дека не е. Ова не е изненадување со оглед на тоа што Кина е најмоќна земја во светот, освен САД и е релативно поважна од кој било друг ривал. Сепак, Американците не сакаат воен конфликт со Кина.

Околу 62 отсто од испитаниците рекле дека САД не треба да интервенираат воено во конфликт меѓу Кина и Индија, додека само 12 отсто се за американска воена одбрана на Индија, а три отсто сметаат оти САД треба да ја бранат Кина. Ако Кина го блокира Тајван, само 27 отсто сметаат дека САД треба да употребат воена сила, додека 39 отсто се против таков потег. Во случај на кинеска инвазија на Тајван, Американците се поделени. Околу 36 отсто се против употреба на воена сила за заштита на Тајван, 30 отсто се „за“ употреба, а 35 отсто не знаат.
Во однос на домашните приоритети, 37 отсто од Американците се за намалување на трошењето на Пентагон, додека околу 28 отсто сакаат да го задржат исто, а само 13 отсто сакаат да се зголеми воениот буџет. Кога испитаниците беа потсетени дека националниот долг се очекува да надмине 25.000 милијарди долари годинава, половина од испитаниците изјавија дека се за намалување на трошењата за одбраната.

Кога станува збор за американското јавно мислење за клучните прашања на надворешната политика на САД денес, гласачите поддржуваат завршување на актуелните војни и не сакаат американското раководство да влегува во нови конфликти во странство, туку да се фокусира на домашните приоритети. Прашање е дали сегашните и идните креатори на политики ќе ги земат предвид овие пореални и повоздржани ставови на американската јавност во однос на внатрешната и надворешната политика.