Научна анализа

Мултитаскингот, односно извршувањето повеќе задачи во исто време е природна состојба на здравиот мозок, заклучија научниците од Универзитетот во Рочестер во Њујорк, чија статија е објавена во списанието „Неуроимиџ“. Во услови во кои мозокот истовремено треба да ги насочува движењата на телото за време на одење и да извршува сложени интелектуални задачи и двете работи се решаваат подобро отколку една по една, откриле истражувачите.

Научниците спроведоа серија експерименти во кои учествуваа 22 здрави млади луѓе. Учесниците мораа или да одат на лента за трчање или да седат додека извршуваат сè потешки интелектуални задачи, префрлајќи се од една на друга. Користејќи најсовремени техники за следење, истражувачите ја следеле нивната мозочна активност и движењата на телото. Се покажало дека учесниците многу подобро се справуваат со задачите додека одат отколку во седечка положба.
Колку е потешка задачата, толку е поголема разликата во резултатите. Покрај тоа, присуството на интелектуално оптоварување ја зголемува ефикасноста на самиот процес на одење. Кога мозокот на испитаниците бил зафатен со решавање когнитивни задачи, нивните движења биле попрецизни и побезбедни отколку кога би се фокусирале само на одење.

Овој феномен ја одразува флексибилноста на здравиот мозок, кој има корист од дополнителниот обем на работа, забележуваат истражувачите. Најверојатно, затоа инстинктивно одиме на прошетка или шетаме низ собата кога имаме проблем што треба да го решиме.