Во изминатите неколку дена младите волонтери на Црвениот крст од Кичево активно се подготвуваа за Меѓународниот ден на жената,8 Март, а во контекст на овој празник тие изработуваа медени срца, кои им беа понудени на продажба на хуманите луѓе од Кичево. Граѓаните со купување медено срце дадоа личен придонес во хуманата акција за помош на социјално загрозени семејства и поединци.
– Како и претходните години, така и годинава ние, младите волонтери на Црвениот крст од Кичево, пред Меѓународниот ден на жената изработувавме медени срца, кои на големиот празник им ги понудивме на нашите сограѓани. Тие со купување медено срце придонесоа за успешно да се спроведе акцијата за помош на социјално загрозени поединци и семејства. Штандовите во средиштето на Кичево на кои ги понудивме медените срца беа добро посетени од граѓаните на Кичево, кои уште еднаш ја покажаа својата хуманост – вели младата волонтерка Елена Мирческа.
Нејзината колешка и волонтерка на Црвениот крст, Силвија Дамјаноска, посочи дека покрај за овој празник, слични акции ќе бидат организирани и за други празници, кога повторно се очекува добар одзив на хуманите граѓани на Кичево, кои со овој гест ќе ги потврдат дарежливоста и хуманоста што отсекогаш ги красела.
З.А.