Европски „правила“ за влез на државите во Унијата, а беззаконие за земјите што се внатре во блокот
- Советот на Европа со години не реагира на однесувањето на Бугарија и нејзината обврска да ги спроведе 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права, па наместо да преземе некакви чекори, постојано им дава некакви рокови на бугарските власти да ги исполнат обврските, заканувајќи се со исклучување на земјата од ова тело. Официјална Софија знае дека нема да се случи тоа, па затоа најдрско ги игнорира таквите барања
Кога еднаш ќе се направи преседан и тој ќе помине, тогаш тоа станува нормален начин на однесување и пракса за сите оние на кои им одговара таквото однесување. Тука треба да се бараат причините за урнисувањето на меѓународното право и на институциите што треба да го спроведуваат.
Секако, едно од тие тела е и Советот на Европа, кој со години не презема ништо да ги санкционира земјите што не се придржуваат до меѓународноправните принципи и до одлуките на Европскиот суд на човекови права, како и од други тела во негова надлежност, туку само констатира одредени состојби, се заканува со исклучување на некоја земја, за на крајот повторно сè да се сведе само на давање некакви рокови, кои одново и одново се одложуваат во недоглед.
Кога тој начин на работа ќе стане пракса, тогаш нема зошто земјите да ги сфаќаат премногу сериозно пораките што доаѓаат од првите луѓе на ова тело и генерално да стравуваат дека можеби би биле исклучени од членството.
Советот на Европа ѝ порача на БиХ: Спроведете ги пресудите на судот ако сакате во ЕУ
Неодамна генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, ги повика властите во БиХ сериозно да ја сфатат обврската за спроведување на сите пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), предупредувајќи дека тоа е неопходен чекор доколку таа земја сака да напредува кон членство во Европската Унија. Овој суд досега донесе десетина пресуди со кои БиХ е означена како одговорна за кршење на изборните права на своите граѓани, а најпозната е онаа во случајот „Сејдиќ-Финци“, со која уште во 2009 година беше утврдено дека припадниците на националните малцинства се дискриминирани бидејќи не им е дозволено да се кандидираат за членови на Претседателството на БиХ.
Тие не можат ниту да бидат избрани во Домот на народите на државниот парламент, каде што местата се резервирани само за лица што се изјаснуваат како Хрвати, Бошњаци и Срби. Таа пресуда, како и низа други подоцнежни слични пресуди, до денес не е спроведена.
Берсе по состанокот со членовите на Претседателството на БиХ изјави дека очекува оваа состојба да се промени, иако тоа не е едноставна задача, но Советот на Европа може да помогне во тоа.
– Определени сме да ѝ помогнеме на Босна и Херцеговина и знаеме дека тоа е предизвик – рече Берсе.
Тој додаде дека е важно да се гради систем на заеднички вредности за сите во Европа, кои ќе се применуваат во сите држави на ЕУ, но и во оние што имаат намера да станат членки.
Кога преседаните стануваат нормално однесување
Без оглед колку звучат уверливо зборовите на првиот човек на Советот на Европа, властите во БиХ сигурно нема да бидат премногу засегнати бидејќи се свесни дека многу земји членки на ЕУ со години ги игнорираат ваквите и слични препораки.
Имено, Бугарија со години не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права поврзани со правата на македонската заедница во оваа земја, а реакцијата на Советот на Европа се сведува само на давање рокови, во недоглед.
Неодамна првиот човек на Советот на Европа, Берсе, изрази изненаденост од прашањата што до него ги постави македонската делегација за време на второто редовно заседание на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кое се одржа од 20 до 24 април во Стразбур, а кои се однесуваа на слободата на движење и заштитата на застапниците на човековите права.
Пратеничката Иванка Василевска упати директно прашање до Берсе во врска со случајот на адвокатот Тони Менкиноски, кому му е изречена десетгодишна забрана за влез во Бугарија. Таа потенцираше дека тоа е сериозен преседан, со оглед на тоа што тој активно застапува предмети на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права.
Дополнителен проблем е што Советот на Европа со години не реагира на однесувањето на Бугарија и нејзината обврска да ги спроведе 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права, па наместо да преземе некакви чекори, Советот на Европа постојано им дава некакви рокови на бугарските власти да ги исполнат обврските, заканувајќи се со исклучување на земјата од ова тело. Официјална Софија знае дека нема да се случи тоа, па затоа најдрско ги игнорира таквите барања.
Затоа кога веќе постојат преседани, пораките на Берсе упатени до босанските власти се како обично ехо што брзо исчезнува.
Берсе тренира строгост во БиХ, додека во Бугарија се толерира правен мрак
Гледано низ очите на легалитетот, кога генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, среде Сараево порачува дека спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) е „билет“ за Европската Унија, тоа звучи како праведна и логична лекција по демократија. Но во реалноста оваа порака не е ништо друго туку бледо ехо на институција што сè потешко го крие сопствениот дефицит од авторитет. Затоа и легитимно се наметнува дилемата зошто Босна и Херцеговина би го сфатила сериозно Берсе, кога неговата организација со децении не успева да ги натера ниту сопствените земји членки, како Бугарија, да го почитуваат истото тоа меѓународно право.
Имено, случајот „Сејдиќ-Финци“ со години е болна рана на босанскиот систем, но случајот со 14-те неспроведени пресуди на Македонците во Бугарија е директен доказ за капитулацијата на Советот на Европа пред политичкиот прагматизам. Додека на Сараево му се поставуваат „неизбежни услови“, на Софија со години ѝ се сервираат само бескрајни рокови, кои се поместуваат во недоглед. Заканите за исклучување од Советот на Европа одамна станаа приказна во која веќе никој не верува.
Врвот на овој цинизам беше виден минатата недела во Стразбур. Додека Берсе говори за заеднички вредности, тој дури и не знаел дека адвокатот Тони Менкиноски, кој ги застапува Македонците пред ЕСЧП, доби десетгодишна забрана за влез во Бугарија. Ова не е само дипломатски скандал туку и брутален напад врз правото на заштита и правната професија. Фактот што првиот човек на Советот на Европа изрази „изненаденост“ од ваквите прашања е можеби најдобра потврда за слепилото на институцијата.
Кога еднаш ќе дозволите преседанот да стане пракса, вие не го штитите правото – вие го легализирате беззаконието. Советот на Европа денес повеќе личи на тело за констатирање состојби отколку на чувар на конвенциите. Секој нов рок даден на Софија е директен сигнал до Сараево дека правилата се растеглива категорија. Ако Советот на Европа сака да биде сфатен сериозно во БиХ, ќе мора прво да покаже заби таму каде што е најтешко – кај своите „привилегирани“ членки. Сè дотогаш пораките на Берсе ќе бидат само убаво спакувана реторика што завршува во слепата улица на балканската реалност.
Вајц: Има некоја агенда зад тајмингот на објавата на интервјуто во „Евроњуз“
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, вели дека интервјуто од кое негови изјави беа пренесени минатата недела, дадено за бугарската редакција на „Евроњуз“, е снимено пред повеќе од седум недели, како и дека не е јасно зошто тоа интервју е објавено дури сега. Вајц вели дека тоа интервју го дал на почетокот на март, а оцените што ги дал во него, тогаш ја одразувале моменталната состојба.
– Интервјуто е од пред повеќе од седум недели и ја покажува процената за моментумот на почетокот на март – вели тој.
Вајц додава и дека е изненаден што интервјуто за „Евроњуз“ е објавено пред неколку дена.
– Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Бев малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да, за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа – истакна Вајц во интервју за „Канал 5“. С.Т.

































