Екипата на Македонија, слепи и слабовидни шахисти

Во категоријата над 50 години, Италија води со 12 бода, а потоа се Исланд и САД со по 11, Англија 1 со 10, Црна Гора со девет, Канада и Македонија Алкалоид со по осум бода…

ШАХ – СП ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА, СЕДМО КОЛO

Македонија Алкалоид (2.436 рејтинг-поени, рангирана четврта пред почетокот на првенството) загуби со 1,5-2,5 во мечот со Исланд (2.435, рангиран петти) во седмото коло на Светското првенство (СП) за ветерани во категоријата над 50 години, во Струга. За вкупниот пласман решавачки ќе бидат последните две кола, односно резултатите и на другите конкуренти за висок пласман. ВМ Кирил Георгиев (2.542) загуби со црни фигури од ВМ Јохан Хјатарсон (2.432), пораз претрпе и ВМ Влатко Богдановски (2.385) од ВМ Џон Арнасон (2.419), ВМ Трајко Недев (2.465) впиша цел поен против ВМ Маргеир Петурсон (2.396), а половина поен ВМ Звонко Станојоски (2.351) против ВМ Тхростур Тхорхалсон (2.382). Станојоски засега е и најдобар играч на Македонија Алкалоид со 4,5 поени од седум партии. Во вчерашното осмо коло, Македонија Алкалоид играше со Канада (рангирана 12-та).
Екипата на Македонија, слепи и слабовидни шахисти (1.818, рангирана 20-та), загуби со 0-4 од Велс силурес (1.784, рангиран 17-ти). Порази претрпеа Жарко Селковски, Зоран Костадиновски, Санде Атанасов и Блаже Атанасовски.

Во оваа категорија и женската екипа на Македонија (1.373, рангирани 22.), загуби со 0,5-3,5 од екипата САД пет браќа (2.067, рангирани 15-ти). Единствено на втората табла без победник заврши дуелот помеѓу Рамеш Џаншнивала (2.088) и Лиле Аларова.
Во категоријата над 65 години, екипата на Македонија (2.002, рангирана 18-та), ја победи со 4-0 втората екипа на Англија (1.995, рангирана 20-та). Цел поен освоија ФМ Љубомир Илиќ, ФМ Александар Кралевски, Илија Стошевски и Миле Трајковски.
Во категоријата над 50 години по победата во второто дерби на колото против САД со 3-1, Италија изби сама на врвот со 12 бода (19,5 поени по табли), пред Исланд со 11 (19,5), САД со 11 (18), Англија 1 со 10 (17,5), петта е Црна Гора со девет (16), шеста е Канада со осум (16,5), а Македонија Алкалоид моментно е седма со осум бода (16). Македонија слепи и слабовидни шахисти е на 21-то место со четири бода (осум), додека женската екипа на Македонија е 22. со еден бод (пет по табли). Во конкуренцијата на ветерани над 65 години, пак, екипата на Македонија на две кола до крајот на СП 2023 е на 13-то место со седум бода (14,5 по табли). Во водство и понатаму е прворангираната германска екипа Ласкер Шахштифунг со максимални 14 бода (20,5 по табли), втора е првата екипа на Англија со 12 (19), а трета Словачка со 10 бода (16,5). Г.И.