По покана на Музејот на современата уметност – Скопје, на 6 и 7 септември, со почеток во 19 часот, во џебното кино на музејот ќе се одржи отворен разговор предавање со двајцата меѓународно познати уметници Брук Ендрју и Иман Иса.
– Покрај тоа што ќе одржат разговор, целта на посетата на Брук Ендрју и Иман Иса на нашиот музеј е и да направат селекција на дела од уметничката колекција на МСУ, кои ќе бидат изложени во почетокот на следната година во Кунстхале, Виена, каде што Музејот на современата уметност – Скопје ќе има голема изложба. Покрај овие двајца уметници, во селекцијата и осмислувањето на поставката ќе бидат вклучени уште шестмина други, со што ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Целта е да ја истражат колекцијата и да рефлектираат врз неа со свое дело. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат збирката на МСУ настаната преку уметничката солидарност – истакнуваат од МСУ.
На 6 септември, во 19 часот, презентација на своето творештво ќе има Брук Ендрју. Разговорот со уметникот ќе го води Тихомир Топузовски.
Брук Ендрју е професор по интердисциплинарни практики на Факултетот за ликовни уметности и музика и директор на музејот и колекцијата на „реобмислување“ на Универзитетот во Мелбурн, Австралија.
На 7 септември, во 19 часот, предавање ќе одржи Иман Иса, на тема „Застапници, со нивен сопствен живот“. Разговорот со уметницата ќе го води Артан Садику. Иса е уметница и професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена. Нејзините дела досега биле изложени низ целиот свет.