ДЕНЕСКА Е МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Даниел, Мухарем, Младен, Пебме и другите нивни другарчиња денес со посебна радост одат кон центарот за лица со попреченост „Ѕуница“ од Прилеп, затоа што таму ќе имаат многу гости. кои ќе ги гледаат и ќе ракоплескаат за точките од програмата што тие ќе ја изведат по повод 3 декември – Денот на лицата со попреченост.
Тие со месеци се подготвуваат за овој ден, кога нивната институција ќе биде отворена за целата локална заедница, претставници на институциите и за сите оние што ги разбираат, ги сакаат и им помагаат.
ПРОСТОРИИТЕ И ДВОРОТ ВО НОВО РУВО
Петнаесеттемина корисници на услугите од центарот деновиве веќе уживаат во подобрените услови во внатрешниот дел и во дворот на центарот. Координаторката на центарот, социјалната работничка Снежана Јошевска, со голем ентузијазам ни раскажа за новостите што им се случуваат деновиве.
– По иницијатива на директорот Зоран Малкоски, се уреди дел од ентериерот на центарот, како и дворот. Сето тоа е направено благодарение на помошта од општествено одговорните компании. Реновирани се тоалетите, извршена е реконструкција на ѕидовите, обновена е трпезаријата, ѕидовите се украсени со мурали на учениците од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, обновена е дел од фасадата, надвор пак е обоена оградата, а направено е и хортикултурно уредување на дворот – ни раскажува Јошевска.
Дневниот центар „Ѕуница“ е отворен во 2002 година. Низ годините на успешна работа, досега биле згрижени седумдесетина корисници, а дваесетина од нив се вклучиле во образовниот процес. Дневниот центар „Ѕуница“ моментално има 15 корисници, најмалиот има четири, а највозрасниот седум години.
НЕ СЕКОЈА ПОПРЕЧЕНОСТ Е ВИДЛИВА
Организиран е превоз на корисниците од нивните домови до центарот и обратно. Во центарот тие учествуваат во слободните и програмските активности, а обезбеден им е и топол оброк од кујната, која деновиве е подновена со нова машина за миење садови. Поддршката на центарот оди во повеќе насоки и таа е социјална, здравствена и образовна и кон корисниците и кон членовите на семејствата. Моментално четири корисници се вклучени во образовниот процес и имаат образовни асистенти. И тука центарот им помага во совладувањето на образовниот материјал.
Просторот во центарот е опремен со соба за мултисензорен развој, простор за себеспознавање и спознавање на околината, имаат цвеќарник во кој корисниците реализираат работна окупација грижејќи се за цвеќињата. Преку ова тие развиваат чувство за одговорност и доверба и ги развиваат своите манипулативни способности.
– Центарот им дава целокупна поддршка на своите корисници, подготвува индивидуални и групни планови и програми за корисниците што ги следат активностите во центарот и надвор од центарот. Им се дава целосна поддршка на родителите, со посета во нивните домови и преку семинари и обуки за нив.
ПОДДРШКА НА РОДИТЕЛИТЕ НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
– Родителите се вклучени во сите приредби, прослави и одбележувања во центарот. Имаме и инклузивни креативни работилници на кои корисниците изработуваат модли од гипс, кои понатаму се трудиме да ги дистрибуираме во нашата локална заедница. Соработуваме со сите основни и средни училишта и со сите општествено одговорни компании, со локалната самоуправа и со градоначалникот. Нашиот напредок е постигнат благодарение на соработката со нив и нивната поддршка – раскажува координаторката Снежана Јошевска.
Како што ни раскажа Снежана, најважно од сѐ, освен што корисниците уживаат во благодатите на условите и на грижата од страна на вработените, постигнат е голем напредок во однос на надминувањето на стигмата кон лицата со попреченост и речиси не постои социјална изолација.
– Нашите корисници се широко прифатени од локалната заедница. На сите наши прослави учествува локалната заедница, а ние исто така се вклучуваме во активностите на другите институции. За тоа надминување на стигматизацијата најмногу придонесоа нашата отворена и транспарентна работа, поддршката од новинарите, поддршката од локалната заедница, од општествено – подвлекува таа.
ЗУЉАМОСКИ Е ПРЕКРАСЕН ПРИМЕР ЗА ВОЛОНТЕРСТВО
Пензионираниот професор по физичко образование Трајче Зуљамоски неколкупати во неделата волонтерски доаѓа во „Ѕуница“ и работи со корисниците на нивниот физички развој. Неговиот ентузијазам е прекрасен пример за волонтерство и активно искористување на слободните пензионерски денови, а од друга страна се остварува огромна корист за корисниците.
Во таа насока, деновиве директорот Зоран Малкоски потпиша меморандум за соработка со здружението Центар за едукација и развој-Прилеп, со цел да се овозможи успешна реализација на проектот „Stop the gap“, кој ќе ја промовира физичката активност како инструмент за инклузија и социјализација на децата во состојба на економска и социјално-културна ограниченост и децата и младите со попреченост.
Проектот го спроведуваат „ЦСИ комитато“ од Бари, Италија, Параспортскиот сојуз на градот Риека од Хрватска и Центарот за едукација и развој-Прилеп, со поддршка на програмата „Еразмус+“ на Европската Унија.
Иако центарот „Ѕуница“ функционира успешно сите овие години и се прават залагања за подобрување на условите од сите аспекти, директорот Зоран Малкоски истакна дека постои простор условите да станат уште подобри, а корисниците и вработените да бидат побезбедни.
– Потребна е целосна промена на покривот, кој е во лоша состојба, и поставување фотоволтаици за обезбедување сопствена електрична енергија. Се надеваме дека ќе успееме овие два крупни зафата да ги реализираме идната година – рече Малкоски.
Во „Ѕуница“ доаѓаат лица со умерена и тешка психофизичка попреченост и со комбинирани пречки, како и четири лица со аутизам. Претходно, возрасната граница за лицата го посетуваа центарот беше до 26 години, меѓутоа поради немање соодветен центар што би се грижел за возрасните лица со попреченост, тие повторно се враќаат во „Ѕуница“. Оттука произлегува и апелот на координаторката и социјална работничка Снежана Јошевска за изградба на регионален центар за возрасни лица со попреченост.
ДА ПРИСТАПИМЕ СО ОТВОРЕНО СРЦЕ
– Прилеп имам потреба од центар за возрасни лица со попреченост. Родителите на лицата што се со попреченост, а веќе имаат 30 или 40 години, се истрошени и изморени, а тие лица имаат потреба од 24-часовен надзор и поддршка. Така ќе се овозможи тие да бидат блиску до нивните родители, кои ќе можат да ги земаат своите деца по потреба или да ги посетуваат. Со тоа корисниците ќе бидат со целосна грижа, а нивните родители ќе имаат подобар квалитет на живот, а сепак ќе бидат блиску до своите деца – објаснува Јошевска.
Како што спомнавме, во „Ѕуница“ сега се згрижени 15 корисници, а просторниот капацитет овозможува да се згрижат 25. Секако, за да биде така, ќе биде потребен и дополнителен кадар од физиотерапевти, логопеди и друг персонал.
Јошевска упатува и апел за зголемување на висината на финансискиот додаток што го добиваат лицата со попреченост од страна на државата, што ќе значи подобрување на нивните услови за живот.
Центарот „Ѕуница“ постојано е отворен за комуникација и соработка со општеството, па тоа нека биде поттик и ние како граѓани на ова општество со поотворено срце да им се приближиме на децата и луѓето со попреченост.