Етика за млади
Во одделението пристигна ново девојче. Го донесе директорката, а учителката го седна меѓу децата. Тие ја загледуваа неа, таа нив.
– Да ѝ посакаме добредојде на Ана – рече учителката.
Девојчето стана сериозно и им се поклони. Сите се насмеаја, а и таа се насмевна. Ја прашаа каде живее, а таа ја кажа адресата.
– Па тоа е покрај мене – извика Ангела и силно скокна.
– Биди мирна – подвикна учителката. – Значи, можете заедно да доаѓате на училиште.
На одморот Ангела ѝ пријде на Ана и ѝ подаде рака. Се поздравија гледајќи се во очите. Потоа си разговараа за обичните нешта – каде учела досега Ана, кога се доселиле и кого има дома. Ангела рече дека таа има братче бебе Никола. Ана имала мајка, баба и постар брат. Се викал Петар. Со тешко чувство кажа дека е болен и оти оди со патерици.
По часовите, учителката им предложи на двете девојчиња да си одат дома заедно. Забележа дека се зближиле и ѝ беше мило.
– Ајде да бидеме другарки – рече Ангела на половина пат до дома, со што Ана радосно се согласи.
Драги деца, чувајте си ги другарствата. Немојте да се карате со другарите и ним да им правите лошо. Ќе останете без другари, а тоа нема да биде пријатно.
Сите треба да имаат убави односи со другите луѓе, да бидат пристојни и никого да не навредуваат или повредуваат. А со другарите односите се особено убави, зашто се поврзани со меѓусебна љубов и со почитување.
Автор: проф. д-р Кирил Темков
Етичка мисла
Доброто е цел на сѐ што постои и на секоја активност
Аристотел, антички филозоф