Фото: Игор Бансколиев

Со години во земјава се зборува за големото влијание на паметните телефони, компјутерските игри и другите интерактивни програми што нудат апликации што, според психолозите, имаат битен удел во психолошкиот развој на децата. Потоа, со години се зборува и дека сѐ повеќе семејства потфрлаат во реализирањето на една од основните улоги кога станува збор за децата, а тоа е воспитната улога. Сѐ повеќе семејства се дисфункционални, со што се отвора можност „празниот, дисфункционален простор на семејството да се пополни со некритични сегменти (со низа неетички, неморални, анксиозни или насилни елементи), кои, прифатени безрезервно од страна на младите во развој, нанесуваат непоправливи штети во формирањето на личноста, а влијаат битно врз сфаќањата, карактерот и темпераментот на младите во развој“. Како да се мобилизираат потенцијалите на едно општество за превенирање од асоцијалните и антисоцијалните појави и тенденции кај идните носители на општествениот живот?

МАСАКРИТЕ ВО СРБИЈА ГИ МОБИЛИЗИРААТ ДРЖАВИТЕ ОД РЕГИОНОТ

Неодамнешните инциденти со употреба на огнено оружје и жртви во нашето соседство ги активираа алармите на институциите во поединечните држави на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Имено, и кај нас се мобилизираа поединци, експерти, групи граѓани, невладини организации и, се разбира, државните институции, кои веќе започнаа со воведување сериозни мерки за спречување слични инциденти како минатонеделниот во Србија.

ВО БИТКА СО НАДВОРЕШНИ ВЛИЈАНИЈА ШТО НЕКРИТИЧКИ ГИ ПРИФАЌААТ МЛАДИТЕ

Со години во земјава се зборува за големото влијание на паметните телефони, компјутерските игри и другите интерактивни програми што нудат апликации што, според психолозите, имаат битен удел во психолошкиот развој на децата.
Потоа, со години се зборува и дека сѐ повеќе семејства потфрлаат во реализирањето на една од основните улоги кога станува збор за децата, а тоа е воспитната улога. Сѐ повеќе семејства се дисфункционални, со што се отвора можност „празниот, дисфункционален простор на семејството да се пополни со некритични елементи (со низа неетички, неморални, анксиозни или насилни елементи), кои, прифатени безрезервно од страна на младите во развој, нанесуваат непоправливи штети во формирањето на личноста, а влијаат битно врз сфаќањата, карактерот и темпераментот на младите во развој“.
Во тој контекст, тема на опсервација е и образовниот систем во кој наставникот, професорите, педагозите и психолозите, како неприкосновени авторитети од својот домен, одамна ја изгубиле тежината на својата улога во воспитниот процес во текот на образованието.
Повеќе истражувања и студии покажуваат дека гореспоменатите сегменти поединечно, а уште повеќе сите заедно, создаваат висок степен на веројатност за негативни ефекти по психичкиот раст и развој на младите доколку негативните фактори се присутни во секојдневниот живот на децата и младите.
Во последно време зачестија истражувања од кои излегуваат резултати дека „паметите телефони и социјалните мрежи во одредени свои содржини до кои можат да дојдат младите корисници имаат докажана деструктивност“. Експертите со години зборуваат за нивното негативно влијание на развојот и растот кај младите низ конкретни примери, па потоа влијание на говорот, а изминатиот период се понудија докази и дека имаат деструктивно влијание врз младешката способност за правилно расудување.
И јавноста бездруго беше сведок на инциденти во кои малолетни лица се снимаа и објавуваа видеа од врсничко насилство, од сквернавење надгробни плочи, од лежење среде булевари, од разни животозагрозувачки предизвици, кои ги правеа само за да добијат чувство на припадност кон „шемата на социјалните мрежи и учество во составот на некоја заедница“.
Последниот инцидент во Белград, во кој тринаесетгодишно момче направи масакр од невидени размери, покажа на дело колку всушност денешниот начин на живот е катастрофален по менталното здравје на децата.
Тука вината главно се префрла на социјалните мрежи, иако голем удел имаат и системот на живеење, семејството, училиштето, соучениците, односно целото општество.

МОБИЛИЗИРАНО Е МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

Токму затоа Министерството за образование и наука пред неколку дена ја отвори електронската адреса [email protected], на која учениците ќе можат да пријавуваат насилство.
Иако беше отворена само два дена, на оваа имејл-адреса пристигнале десетина пораки, од кои најголемиот дел се однесуваат на врсничко насилство. Како што информираат од МОН, имало и пораки од поранешни професори, кои до Министерството испратиле сугестии за превенирање и намалување на насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.
– Со отворањето на електронската адреса, Министерството за образование и наука воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти, како дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања. Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки.
Училиштата мора да бидат безбедна средина, каде што ќе се одвива воспитно-образовниот процес. Затоа Министерството за образование и наука ќе ѝ предложи на Владата итна процена на состојбите и безбедносните ризици, за намалување на сите можни ризици и закани по безбедноста на учениците и наставниците во училишната средина – информираа од МОН.
Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби во училиштата и наставниците поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишната средина. Во консултација со експертската заедница, дополнително ќе се зајакнат превентивните програми за борба против врсничкото насилство, промовирајќи ги дијалогот и ненасилството како клучни елементи во образованието и развојот на децата и младите.

– За да успееме во активностите за заштита и правилен развој на нашата младина, ги повикуваме и родителите активно да учествуваат, воспитувајќи ги своите деца на толеранција и ненасилство, како и на почитување и разбирање за различните од себе. Само со заеднички напори на сите чинители во воспитувањето и образувањето на децата можеме да се избориме за здрава младина и безбедни училишта – потенцираат оттаму.
Ќе се направи и итна процена на состојбите и безбедносните ризици што во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи.
Имајќи предвид дека истите тие не треба да се користат во училишната средина, МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби во училиштата и наставниците за тие ризици да се минимизираат, а нивната употреба да се ограничи или целосно да се оневозможи.
– Ги повикувам сите наставници, како и родители, на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоција на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да му се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот – истакна министерот за образование Јетон Шаќири.
Исто така, веќе во консултација со експертската заедница од повеќе институции и факултети, дополнително ќе се зајакнат превентивните програми за борба против врсничкото насилство и за промоција на ненасилството и дијалогот како клучни елементи за образованието и развојот на учениците.


МВР: контрола на оружјето, уште една безбедносна мерка по инцидентите во соседството

Низа планирања, мерки и активности мотивирани по инцидентот во соседна Србија беа преземени од страна на соодветните надлежни државни институции во нашата земја. Една од тие институции е и Министерството за внатрешни работи (МВР), кое веднаш презеде активности во врска со режимот на набавувањето, поседувањето и носењето оружје.
Имено, според експертите, голем број оружје не е контролирано и не се знае колку лесно им е достапно на децата.
Така, во насока на поголема контрола на тоа кој сѐ има оружје во земјава, Министерството за внатрешни работи упати повик до граѓаните за задолжителна замена на дозволите за оружје издадени до 31.12.2006 година.
– Сите граѓани и правни субјекти задолжително треба да ги заменат дозволите и овластувањата, издадени во согласност со Законот за набавување, поседување и носење оружје. Барањата за нови дозволи се достапни на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (mvr.gov.mk) или во отсеците за оружје, експлозивни и опасни материи на Министерството за внатрешни работи, според живеалиштето на граѓаните, односно седиштето на правното лице, секој работен ден, во периодот од 8 до 16 часот, најдоцна до 4 јуни 2023 година – информираа од МВР.
Од МВР додаваат дека оваа кампања е иницирана од Националната комисија за мало и лесно оружје и поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, преку вонбуџетскиот проект „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје“, со финансиска помош на донаторите на проектот.
Според некои податоци, во земјава има регистрирано близу 200 илјади парчиња оружје за кое МВР издало дозвола, но постојат сомнежи дека тоа е и конечната бројка. Според познавачите, бројот е дури двојно поголем, бидејќи нема статистика за тоа колку луѓе на црно поседуваат огнено оружје.

[email protected]