Етика за млади
Ние сме деца на мајката Земја. Нашата љубов, внимание и грижа треба да бидат свртени кон неа. Таа ни дава енергија, живееме во нејзините прегратки и од неа ја црпиме секојдневната сила. Ако сме добри и одговорни, ќе одговориме на нејзината благонаклонетост и на даровите што таа ги истура пред нас.
Но не треба да заборавиме, мајката Земја е голема, моќна, богата, но со определени сили. Раширена е, но само малку зад ограничениот хоризонт. Расцутена е, но само до крајот на летото. Дава, но толку колку што има. Таа е сеопфатна во љубовта, но стегната во прегратката. Цврста е, но ранлива.
Од нејзината мајчинска града се напојуваа милијарди луѓе и досега и денес, како и безброј други живи суштества. Со мајчинска страст таа раѓаше нови видови и единки, за животот да биде богат и разновиден. Беше топла и мила, а повредите ги лекуваше со возобновување. Сезоните ги обновуваа водите, а тие ги чистеа отпадоците, животот се будеше секогаш нов и побогат.
Сето тоа почна да се менува кога најразвиените чеда на мајка Земја почнаа толку многу да ја повредуваат што раните тешко се залекуваа. Луѓето дојдоа до огромна моќ, а ја употребуваа само да земат нешто од неа. Таа има сѐ повеќе лузни. Водата што ја мие земјата е загадена, сончевите зраци се сѐ поопасни, луѓето ги разнишаа озонските огради, а тие служеа да не изгори сѐ на Земјата. Луѓето секојдневно исфрлаат огромни количества валкани, мрсни честички, опасни материи, отрови. Повеќе не дишат чист воздух. Самите си предизвикуваа алергии и болести. Својот животен простор го делат со милијарди тони отпад од секаков вид, меѓу кои се и најсилните радиоактивни и хемиски елементи. Многу од нештата што ќе ги пронајдат, главно стануваат негативни за животот на планетата.
Безмилосно се уништуваат шумите, растенијата, полињата… Има сѐ повеќе пустини, а сѐ помалку шуми, а со тоа и помалку кислород. Ниедно животно не е сигурно, секое е на отстрел. Секој ден човекот напредува во уништувањето на животот на мајката Земја, а ако продолжи така, ќе исчезне човековиот вид.
Токму затоа сѐ повеќе се апелира кон мајката Земја да се однесуваме одговорно, со љубов, внимание и грижа. Тоа се основните задачи на нашето суштествување. Луѓето можат да даруваат радост, творештво, градителство, добрина и човештина.
Автор: Проф. д-р Кирил Темков
Етичка мисла
Најпоучни настани се секојдневните.
Фридрих Ниче, германски филозоф