Она што како превентива треба да го направат граѓаните е кога одат во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи да носат облека со светла боја што го покрива телото, со долги ракави и ногавици, капа на главата и, секако, да се употребуваат средства против инсекти (репеленти) по телото и облеката. При враќање од прошетка, добро да се протресе облеката, да се испере и да се направи детален преглед на телото, особено да се обрне внимание на косматиот дел од главата, зад ушите, под пазувите, препоните, папокот, зад колената, вели Николина Соколовска, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје

ВНИМАТЕЛНО ПРИ ПРОШЕТКА ВО ПАРКОВИТЕ

Oна што е карактеристично за оваа пролет е зголеменото количество врнежи, кои, пак, се поволни за згуснување на вегетацијата. Тоа, пак, е главен предуслов за појавата на крлежи, кои во овој период од годината ги има во најголем број.
Иако официјално бројки нема, граѓаните, особено оние што имаат домашни миленици, веќе ги преземаат неопходните мерки за заштита, а голем број од нив и почнаа да ги избегнуваат парковите бидејќи токму тука почвата е плодна за овие мали, но мошне опасни инсекти.

Зелените површини во овој период се „полни“ со крлежи

Факт е дека надлежните не можат да преземат ништо против појавата на крлежи, па токму затоа најдобрата мерка за заштита е зголемување на претпазливоста и избегнување високи тревни површини каде што, всушност, и може да се добие убод од крлеж.
Скопје е град што изобилува со излетнички места и локации за рекреација на граѓаните и сите тие се богати со зелени тревни површини, а токму бидејќи сезоната на крлежи е веќе наголемо започната, потребна е голема претпазливост при посетата на овие места. Градскиот парк, Марков манастир, Пеленица, Скопска Црна Гора, Водно, Кучково, кејот покрај реката Вардар, но и многубројните новоизградени парковски површини се најчесто посетените места за рекреација од страна на жителите на Скопје, особено во деновите кога временските услови се идеални за таков вид рекреација.
Токму на таквите локации домашните миленици, децата, па и сите други добиваат убоди од крлежи.
За оние што се добро упатени, крлежите не се никаков новитет, само што сега се крева голема фама поради тоа што има социјални мрежи, па тука и сите споделуваат секакви искуства.
– Крлежи има како и секоја година и тоа не е ништо ново. Треба да знаеме дека кога посетуваме вакви локации треба да носиме долги панталони, да се заштитиме, па и да ги избегнуваме. Крлежите ја сакаат младата трева, онаа пролетната, во лето веќе сликата е друга. Тогаш тревата од жешкото време е веќе пожолтена и појавата на крлежи е намалена. Ете, иако ги знам сите препораки, сепак, пред неколку дена моето куче фати крлеж, па бевме на ветеринар за да му го отстранат – вели Наталија Бошковска.
Сепак, според граѓаните, ова е голема опасност за малите деца, кои не сакаат ограничувања и не сакаат да имаат забрани за движење.
– Со мали деца навистина е комплицирано да се ограничи движењето. Кога ќе им кажеш „таму не“, тие како за инает баш таму сакаат да одат. Од тие причини периодов шетаме на отворено, на места каде што нема висока трева, на места каде што не постои опасност од крлежи. Најдобар начин да се спречи таков инцидент е воопшто и да не се создаваат услови за негово случување – вели таа.

Експертско мислење

Според Николина Соколовска, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје, крлежите се паразити на луѓето и животните, кои можат да пренесат патогени што причинуваат различни заболувања.
– Она што како превентива треба да го направат граѓаните е кога одат во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи да носат облека со светла боја што го покрива телото, со долги ракави и ногавици, капа на главата и, секако, да се употребуваат средства против инсекти (репеленти) по телото и облеката. При враќање од прошетка, добро да се протресе облеката, да се испере и да се направи детален преглед на телото, особено да се обрне внимание на косматиот дел од главата, зад ушите, под пазувите, препоните, папокот, зад колената – вели таа.
Она што граѓаните како мерка треба да го преземат доколку се закачил крлеж е негово итно отстранување. Соколовска вели дека вадењето треба да биде со дезинфицирана пинцета или конец поставен најдолу до усниот апарат, а не со масло, ацетон, крем, солен раствор.
– Местото на убодот да се дезинфицира. Треба да се внимава да не остане дел од усниот апарат во телото, во тој случај мора да се посети лекар, хируршки да се отстрани. Се препорачува извадениот крлеж да се однесе на анализа (дали е заразен или не и за кој вид се работи), бидејќи не е секој крлеж инфициран, но исто така и инфициран крлеж автоматски не му пренесува инфекција на човекот – потенцира таа.
Соколовска нагласува дека луѓето што чуваат миленичиња мора и нив редовно да ги контролираат и заштитуваат со соодветни препарати за дезинсекција по препорака од доктор по ветеринарна медицина.
– Крлежите интензивно се појавуваат по дожд и на места каде што има висока и неодржувана трева. Затоа како превентивна мерка е потребно редовно косење на тревата во приватните и јавните паркови. Сега е период кога интензивно се појавуваат низ парковите и затоа е потребно да се изврши дезинсекција. Тоа е надлежност на единиците на локална самоуправа – нагласува Соколовска.
Крлежите пренесуваат разни болести, па затоа, доколку граѓаните забележат црвенило, исип и температура веднаш треба да посетат лекар.
– Крлежите се преносители на патогени што предизвикуваат енцефалитис, лајмска болест, рикециоза, бабезиоза, ерлихиоза, хумана гранулоцитна анаплазмоза и други – заклучува таа.


Првите симптоми можат да се појават и по 30 дена од каснувањето

Д-р Радмила Шехиќ, специјалистка по општа медицина во Србија, вели дека крлежите можат да пренесат разни болести, но најчесто тие ја пренесуваат бактеријата што предизвикува лајмска болест.
Таа додава дека не секое гризнување е заразно со бактеријата што ја пренесува лајмската болест, но напоменува дека секое гризнување мора да се провери.
Шехиќ за белградските медиуми објаснува дека пред да се отстрани крлежот, местото на каснувањето не треба да се мачка со алкохол и бензин, туку крлежот да се фати со пинцета и да се сврти спротивно од стрелките на часовникот. Местото на инјектирање мора да се следи, забележува докторката и особено да се внимава дали ќе се појави црвенило.
Температурата може да се појави и по еден месец по каснување од крлеж, рече Шехиќ, а доколку се лекува самостојно, може да се појават компликации и по неколку години, па затоа е важно пациентот навремено да се консултира со лекар. Компликациите можат дури и да одат толку далеку што човек ќе стане инвалид, предупреди докторот.


Три фази на лајмската болест

Епидемиологот на Градскиот институт за јавно здравје – Белград, д-р Соња Гиљача, за белградските медиуми посочува дека првите симптоми може да се појават и по 30 дена во вид на црвенило, болки во зглобовите и покачена температура.
Доколку нема третман, можно е да дојде до вториот стадиум на болеста, кој опфаќа вкочанетост на вратот, привремена мускулна парализа, вртоглавица и неправилно чукање на срцето, вели епидемиологот.
– Доколку се занемарат овие симптоми, настанува третата фаза, во која по десет месеци или повеќе години може да дојде до трајно оштетување на нервниот систем, а на крајот и инвалидитет – предупреди Гиљача.