Фото: ЕПА

Економистите веќе долго време ја повикуваат ЕЦБ на промена на пристапот за „зауздување на инфлацијата“ поради тоа што нејзините мерки имаат слаб ефект. Но сега сечилото на ЕЦБ е насочено кон компаниите и тие се посочени како „главни виновници“. Имено, во ЕЦБ, главната причина за високата инфлација ја „лоцираат“ во желбата на компаниите за остварување повисоки профити…

Монетарните политики и ефектите од нив во справувањето со инфлацијата

Политиката на приспособување на мерките на монетарната политика, со намера за намалување на инфлаторниот притисок, се одрази и на зголемените каматни стапки на кредитите и на штедните влогови во Македонија. Народната банка ги објави најновите бројки за каматните стапки и на кредитите, и на штедните влогови, кои се однесуваат за март оваа година.

Каматните стапки растат

Мартовската просечна каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,04 отсто и бележи месечен раст од 0,04 процентни поени, а на годишно ниво растот е за 0,74 п.п. Истиот месец, просечната каматна стапка на вкупните депозити е зголемена на месечна и на годишна основа за 0,11 п.п. и 0,41 п.п., соодветно, и изнесува 1,11 процент. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во март, изнесува 5,26 отсто, што претставува месечно и годишно зголемување од 0,06 п.п. и 1,51 п.п.
Во март, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 5,27 отсто и е повисока за 0,05 п.п., на месечно ниво. Нагорната промена се должи на зголемените каматни стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула, додека каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула бележат пад. Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор забележа зголемување од 1,96 процентен поен. Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата, во март, изнесува 5,34 отсто и се задржа на истото ниво од претходниот месец, додека на годишно ниво оствари раст од 0,23 п.п. Овој месец, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата забележа месечен раст од 0,05 п.п. и изнесува 5,23 отсто.
Народна банка на Македонија ги следеше политиките на Европската централна банка во остварувањето на главната цел, заради „зауздување на растот на инфлацијата во изминатата година“. Со слични „препораки“ излезе и Меѓународниот монетарен фонд, кој неделава ја повика ЕЦБ да ги зголеми каматните стапки до средината на 2024 година, како дел од напорите за ограничување на високата инфлација во Европската Унија. ММФ ги повика и министрите за финансии на земјите од ЕУ да спроведат строга фискална политика.
Инфлацијата, која е „данок на сиромаштијата“, најмногу го загрижува шефот на европскиот оддел на ММФ, Алфред Камер. Во март 2023 година, инфлацијата во 20-те земји од ЕУ што го користат еврото изнесува 6,9 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Базичната инфлација беше уште поголема и изнесуваше 7,5 отсто.
– Нашата главна препорака е да се ограничи инфлацијата, што значи дека мораме да користиме инструменти на монетарната политика. ЕЦБ треба долго време да спроведува строга политика, проценуваме до средината на 2024 година, со цел инфлацијата да се сведе на посакуваните два процента во 2025 година – рече Камер.
Од средината на 2022 година до март 2023 година, ЕЦБ драстично ги зголеми каматните стапки од нула на 3,5 отсто, но малкумина очекуваа оваа политика да продолжи и по 2023 година. Земјите од ЕУ не успеаја значително да ги намалат буџетските дефицити бидејќи ја продолжија финансиската поддршка на граѓаните поради високите цени на енергијата. Од ЕЦБ сугерираат дека сега, кога цените на енергијата се пониски, владите треба да престанат да ги поддржуваат граѓаните на овој начин или барем подобро да ја насочат помошта.

Според ЕЦБ, сега главна причина за високата инфлација е „желбата на компаниите за остварување повисоки профити“?!

Економистите веќе долго време ја повикуваат ЕЦБ на промена на пристапот за „зауздување на инфлацијата“ поради тоа што нејзините мерки имаат слаб ефект.
Но сега сечилото на ЕЦБ е насочено кон компаниите и тие се посочени како „главни виновници“. Имено, во ЕЦБ, главната причина за високата инфлација ја „лоцираат“ во желбата на компаниите за остварување повисоки профити. Во последно време членовите на УО на ЕЦБ ги апострофираат високите профити на компаниите, кои според претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, ги зголемуваат платите и цените.
Таканаречената лакомост ги попречува напорите за зауздување на растот на потрошувачките цени, што значи дека ЕЦБ можеби ќе треба дополнително да ја заостри монетарната политика за да ја достигне целта од два процента – исто како што официјалните лица укажуваат на крајот на најагресивниот циклус на зголемување на каматните стапки, пренесуваат медиумите.
– Постојат јасни ризици дека падот на инфлацијата ќе биде побавен од претходните прогнози поради зголемените корпоративни маржи – изјави Пиет Кристијансен, главен стратег во Данске банк во Копенхаген.
Тоа е затоа што компаниите се со поголема веројатност да ги зголемат цените побрзо за да ги надоместат повисоките влезни трошоци отколку да ги намалат кога нивните трошоци паѓаат, дозволувајќи им да ги задржат повисоките маржи подолго, објасни тој.
– Многу е тешко ЕЦБ да одговори на оваа динамика – рече Кристијансен.
Корпоративниот профит е поголем двигател на растот на цените од трошоците за работна сила веќе некое време – почнувајќи од 2021 година, изјави Маева Кузин од „Блумберг економикс“. Процените се дека зголемената заработка на компаниите генерирала повеќе од две третини од инфлацијата на крајот на минатата година. Пример за ова е Летонија, каде што инфлацијата порасна најбрзо од сите 20 земји од еврозоната. Гувернерот на централната банка, Мартиш Казакс, верува дека некои локални компании ги зголемуваат цените „само затоа што можат“.

М.Ј.