Фотографии: Игор Бансколиев

Климентовиот универзитет како жариште на европската писменост и култура

Занимливости

Во втората половина на 9 век, поради одредени историски околности и геостратегиски зависности, Македонија преку т.н. Охридска книжевна школа, која се трансформирала во Климентовиот универзитет, започнува да се оформува како значаен културен, религиозен и образовен центар во Европа. Охридската книжевна школа е формирана во 886 година, оттука заедно со Магнаурскиот универзитет од Константинопол (денешен Истанбул) и универзитетот „Ал-Кароуин“ од Мароко е еден од најстарите универзитети во светот. Почетокот на Охридската книжевна школа е поврзан со дејноста на Св. Климент Охридски и Св. Наум Охридски Чудотворец. Денес остатоците на оваа школа не се зачувани, меѓутоа може да се лоцираат во Плаошник, во градот Охрид. За значењето на Охридска книжевна школа историчарите посочуваат дека преку дејноста на Св. Климент и Св. Наум, Охридска книжевната школа се оформила како прв словенски универзитет на Балканскиот Полуостров и пошироко.

Климентовиот универзитет како еден од најстарите образовни центри

Охридската книжевна школа е еден од најстарите универзитети во светот, а постари од неа се само Цариградскиот универзитет (Магнаурскиот универзитет) и универзитетот „Ал-Кароуин“. Магнаурскиот универзитет бил најголемото и најпрестижно училиште во Византиската Империја, во него се школувале децата на византиските императори и византиската аристократија, како и најталентираните деца од империјата, вклучувајќи го и Св. Кирил Солунски, основоположник на словенската писменост и култура. Во историската наука се наведува дека Магнаурскиот универзитет бил основан во 425 година, во времето на императорот Теодосиј Втори, со 31 сектор за право, филозофија, медицина, аритметика, геометрија, астрономија, музика, реторика и други предмети. Наставата се одвивала на латински и грчки.
Вториот најстар универзитет во светот, кој и денес функционира, е универзитетот „Ал-Кароуин“, основан во 859 година, само неколку години пред Охридската книжевна школа, во мароканскиот град Фес. Споменатиот универзитет во почетокот бил религиска школа, но постепено наставната програма се проширила кон изучување нерелигиозни предмети.

Плаошник – седиште на Климентовиот универзитет

Охридската книжевна школа, односно Климентовиот универзитет, била лоцирана во Плаошник, односно околу манастирот и црквата од времето на Св. Климент. Тука Климент Охридски ги составувал своите литературни творби, меѓу кои и Пофалното слово за Кирил. Зачетокот на Охридската книжевна школа е поврзан со дејноста на Св. Климент и Св. Наум, од чија дејност Југозападна Македонија била претворена во средиште на учителската дејност.
Проф. д-р Бранко Панов посочува дека во градот Охрид, во кој Климент најчесто престојувал и кој бил центар на околните градови, била формирана т.н. Охридска школа, која под непосредно раководство на Климент, а подоцна од 893 година и на Наум, постепено израснала во високошколска културно-просветна и црковна институција, т.е. во прв словенски универзитет на Балканот, па и пошироко.
– Дејствувајќи главно од Охрид, Климент заедно со своите соработници често ги посетувал одделните области во Кутмичевица, при што „громогласно им го проповедал на паганите божјиот спас и со сите беседел воопшто за спасувачките божји заповеди и за божјите догми и ги убедувал дека како што е благочестивиот живот без здраво учење во суштина мртов и засмрден, така и учењето без живот не води кон вечен живот – нагласува професорот Панов.
За дејноста на Св. Климент и Охридската школа, проф. д-р Јованка Кепеска вели дека Св. Климент, создавајќи ја кирилицата и врз неа македонско-славјанската писменост, всушност ја создава добрата почва Охридскиот универзитет да прерасне во центар од кој се шири славјанската литература и културна активност. Затоа универзитетот, поради афирмацијата на книжевноста, често се нарекува книжевна школа. Славјанската книжевност, која во почетокот е врз општославјански јазик, кој уште со Св. Кирил е прифатен од Ватикан, како четврти светски јазик, во времето на Св. Климент се создава на македонски јазик.
– Донесувајќи ги духовната и секуларна содржина во концептот, овој универзитет носи одлики на времето на ренесансата, која на нашите простори се јавува многу рано и со други показатели, особено во уметноста – вели проф. д-р Кепеска.

Наследниците на Св. Климент

По смртта на Св. Климент, школата ја продолжиле нивните ученици, а многумина поради понизност пред нивното големо дело останале анонимни и непознати. Меѓу непознатите автори се и составувачите на нивните житија. Ова експлицитно е наведено од анонимниот биограф на Свети Наум, кој вели дека по наредба на деволскиот епископ Марко, се зафатил со пишување на житијата на охридските светители и просветители. По повод годишнината од смртта на Свети Климент, еден друг анонимен автор составил Служба, мошне поетска, која претставува ретко убав споменик на македонската книжевност од овој ран период.
Меѓу непосредните ученици на Свети Климент и на Свети Наум е и Константин Презвитер, подоцна епископ Преславски. Тој е познат по неговите творби „Азбучна молитва“ и Проглас кон Светото евангелие. Негови се и делата Поучно евангелие и преводите на Четирите слова против аријанството од Свети Атанасиј Велики и Катехизисот на Св. Кирил Ерусалимски и многу други.
Црноризец Храбар, чие вистинско име е непознато, исто така е продолжувач на делото на Свети Климент и на Свети Наум. Негово дело е „О писменех“, кое е апологија на словенската писменост и тој овде ја брани словенската азбука и го заштитува словенското културно дело од страна на горделивите грчки асимилатори. Тој во ова дело напишал: „Затоа словенските букви се посвети и подостојни за почит, оти свет маж ги створил, а грчките, пак, букви многубошци“. Д. Ст.


Свети Климент Охридски

Свети Климент Охридски останува запаметен како еден од словенските светци, научник, писател и просветител. Тој е еден од најистакнатите ученици на Св. Кирил и Св. Методиј, кои заедно се поврзуваат со создавање на глаголското писмо. Тој е еден од најплодните и најзначајни писатели на старословенски јазик. Тој е заслужен за Панонската хагиографија на Свети Кирил и Свети Методиј. Климент исто така го превел „Цветниот триод“, кој содржи црковни песни што се пеат од Велигден до Педесетница и се верува дека е автор на „Светата служба и животот на Свети Климент Римски“, како и на најстарата служба посветена на светите Кирил и Методиј. Климент е основач на Охридската книжевна школа, од која произлегле 3.500 ученици.