42-та македонска дивизија, дефилира низ улиците на ослободено Скопје

Народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ се заокружува во средината на 1944 година, кога доаѓа до конечно ослободување на повеќе македонски градови во ноември истата година. Во текот на завршните операции, Главниот штаб на народноослободителната војска на Македонија и партизанските одреди на Македонија под своја команда имал 85.000 учесници во НОАВМ, со седум дивизии и три корпуси, како и околу 10.000 борци и диверзанти од егејскиот и пиринскиот дел на Македонија. По капитулацијата на Царството Бугарија, германските сили се повлекувале со големи загуби, а со ослободувањето на Тетово завршило целосното ослободување на вардарскиот дел на Македонија.

Ослободување на Штип, Радовиш, Струмица, Валандово и Дојран

Од 22 до 27 октомври се водат борби за ослободување на Штип. Педесеттата дивизија на народноослободителната војска на Македонија решителнo извршила напад и на 8 ноември го ослободила и Штип. Во периодот од 21 до 29 октомври, 51-та дивизија на брегалничко-струмичкиот корпус извршила низа успешни акции во реонот на Радовиш и селата Чечерлија, Чанаклија, Костурино и Голашец. По петдневни борби во околината на Струмица, единиците на 51-та дивизија ја ослободиле Струмица на 5 ноември, а на 7 ноември и Валандово, Удово и Дојран.

Ослободување на Куманово и Крива Паланка

Дејствата почнале на 7 октомври, а веќе со борбите на 8 октомври германските сили од Крива Паланка се префрлиле на стражинската позиција помеѓу Крива Паланка и Страцин, во реонот на селата Длабочица и Петралица. Со тоа, на 8 октомври, 50-та дивизија на народноослободителната војска на Македонија ја ослободила Крива Паланка.
Седумнаесеттата македонска бригада дејствувала на комуникација Крива Паланка – Куманово, за да го спречи снабдувањето со храна и муниција на германските единици кај Страцин. За тоа време, 18-та Македонска ударна бригада, 8-та Прешевска и 12-та Бујановачка бригада воделе секојдневни борби против германските единици „Пабст“ и „Тим“, како и 11-та Воздухопловна-пешадиска дивизија и албанските балисти во реонот Прешево – Бујановац. Куманово било ослободено на 11 ноември од страна на 17-та и 18-та Кумановска дивизија.

Ослободување на Велес

Единиците на 42-та Народна ослободителна дивизија, кои долго време се бореле на Сува Гора, биле пренесени во регионот на Велес со принуден и многу тврд марш над планината Караџица, каде што пристигнале на 7 ноември 1944 година. Следниот ден, поддржана од артилерискиот оган на Артилериската школа на Генералштабот на Македонија, оваа дивизија започнала напад за ослободување на Велес. Истиот ден, таа навлегла во градот, каде што започнала жестоки улични борби. Борбите на улиците во Велес продолжиле и следниот ден. Како нивно засилување пристигнале делови од 41-та и 50-та дивизија, а на крајот на денот, на 9 ноември 1944 година, Велес бил ослободен од здружените сили. Акцијата за ослободување на Велес и Штип била тесно поврзана со ослободувањето на Скопје. Педесеттата дивизија, која била во реонот на Штип, со 42-та дивизија, која била на Сува Гора, требало да се поврзат во Велешкиот Регион за да можат заедно да нападнат во Скопје.

Ослободување на Скопје

Битката за ослободување на Скопје претставувала сложена операција, бидејќи за да биде успешна, од голема важност биле успесите на бригадите во битките во другите градови, со крајна цел да се поврзат 50-та дивизија, која била во реонот на Штип, и 42-та дивизија, која била на Сува Гора, за да можат заедно да нападнат во Скопје. Педесеттата дивизија незначително задоцнила (еден ден) на позицијата за нивно спојување, а тоа бил реонот на Велес. Нивното доцнење се должело на силниот отпор што го дале Германците во реонот на Штип. Со вакви предуслови, ослободувањето на Скопје останало да се изврши со пешадија и улични борби, кои зависеле исклучиво од храброста и моралот на македонските војници. Во борбите за Скопје биле заробени голем број Германци, како и нивното вооружување.
Четириесет и втората дивизија направила марш до селото Количани (јужно од Скопје), каде што стигнала истата вечер. Педесеттата дивизија и 8-та бригада на 42-та дивизија направиле краток продор кон Скопје, за да се притиснат германските позиции кон Катланово.
Утрото на 12 ноември почнале првите борби во самиот град, на неговата јужна страна. Овие напади ги извршила 42-та дивизија, додека паралелно со неа од правецот на Кисела Вода, со силен напад, влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратегиски згради и потиснувајќи ги Германците, кои се прегрупирале во веќе запоседнати згради во центарот на градот. Истиот ден (12 ноември), македонските борци биле стигнати до самите згради, крај кејот на Вардар. Делови од Дванаесеттата и Третата македонска ударна бригада ја блокирале железничката станица и почнале борба за самата зграда, како и за Кранговата палата (која се наоѓала во нејзината близина). Главнината на Дванаесеттата македонска ударна бригада ги нападнала зградите на Учителската школа и Поштата.
Во овие улични борби значајна улога одиграла скопската младина, која веднаш странично ги нападнала сите утврдени германски позиции и ги водела македонските борци до сите за нив добропознати германски упоришта низ градот. Педесеттата дивизија и осмата бригада со извесно задоцнување, претпладнето на 12 ноември, почнале напад на германската одбрана во источниот дел од градот (реонот на Гази Баба и индустриската зона).

Ослободување на Куманово

Паралелно со нив, во текот на 11 и 12 ноември, Шеснаесеттата македoнска ударна бригада, ги нападнала албанските балистички групи на Скопска Црна Гора, а во попладневните часови веќе ги напаѓала касарните во кои биле сместени германските војски. Германските сили што биле стационирани во северниот и северно-источниот дел на градот успеале да се извлечат од градот и да се упатат кон Качаничка Клисура. Најсилни упоришта на Германците останале Учителската школа и Поштата, кои доцна во ноќта на 13 ноември биле заземени од страна на македонските борци. Во Учителската школа биле заробени 86 германски војници. Целата ноќ од 13 кон 14 ноември, како и целиот 14 ноември, се вршени чистки на целиот терен од преостанати германски единици.
Битката за Скопје била извршена со голем успех, бидејќи биле спасени сите мостови во градот и успеале да ги обезбедат и зградите што биле веќе минирани. Германските единици успеале да ги срушат железничките мостови во Скопје и денешната населба Ѓорче Петров, едно крило од зградата на железничката станица, а нешто подоцна од непронајдена мина била оштетена и зградата на Народната банка.
Откако Скопје било заземено од македонските партизани, утрото на 14 ноември биле продолжени чистките на непријателот. Четириесет и втората дивизија на Шеснаесеттата македонска ударна бригада се дала во потера кон последните германски сили што се повлекувале во правецот Скопје – Качаник, а друга бригада по долината на Вардар кон Хромовите рудници на Радуша, додека 50-та дивизија ги гонела кон правецот Скопје – Групчин – Тетово. Најжестоки судири на 14 ноември се одиграле на линијата на селата Орман, Ново Село, Оризари, Глумово и Матка. На овие позиции албанските балисти заедно со Германците извршиле неколку противнапади. Македонската војска успеала да ги издржи сите нивни напади и да продолжи да ги протерува во правците кон Качаник и Тетово.

Ослободување на Тетово

Со борбите на 14, 15 и 16 ноември, во реонот на Кичево – Зајас – Тујна, беше завршена првата етапа на операциите за ослободување на Западна Македонија. Во овие борби им беше зададен многу силен и решавачки удар на балистичките сили во Западна Македонија. Оваа е главната причина што нивниот понатамошен отпор до Гостивар беше незначителен, додека беше малку посилен спрема единиците од 16-от корпус, кој напаѓаше од Скопје кон Тетово.
Со уништувањето на балистите кај Кичево, Гостивар и Тетово и со ослободувањето на тие градови беше завршена операцијата за ослободување на Западна Македонија, а со тоа и наполно беше ослободена Македонија од фашистичките окупатори.
Со оваа операција беа уништени или заробени околу 13.000 балисти, што беше од големо значење за понатамошниот развој на Македонија, одделно по воспоставувањето ред и сигурност во областа на Западна Македонија.
Во борите кај Кичево, Зајас, Тујна, Ќафа, Матка и Групчин непријателот даде многу силен отпор, вршејќи низа противнапади. Оваа операција, со испраќањето на 50-та дивизија во правецот на Тетово – според замислата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, беше проектирана да се изврши со полн опфат на непријателот во просторот Кичево – Гостивар – Тетово, што беше и извршено. Операцијата непосредно беше раководена и координирана од страна на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Д.Ст.

Ослободување на Велес