Изложба на уметникот Филип Фидановски ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево. По повод 140 години од раѓањето на Пабло Пикасо, Амбасадата на Кралството Шпанија ќе организира серија изложби посветени на големиот шпански уметник Пабло Пикасо. По големиот успех во 2016 година, на изложбата „Пикасо можеби јас“ на Фидановски, која беше претставена пред скопската публика, овој пат ќе имаат можност да ја погледнат и граѓаните на Охрид, Куманово, Битола.
Со серијата изложби, кои се во организација на амбасадата, му се оддава достојна почит на уметникот што му остави голем број дела на целиот свет. Пикасо како основач на кубизмот со својата уметност е непресушна инспирација и предизвик за многу светски познати уметници, па така и македонскиот уметник Филип Фидановски се вбројува во таа листа на уметници.
Амбасадата на Кралството Шпанија, покрај промоцијата на шпанските уметници, успешно соработува и поддржува многу македонски уметници што го негуваат шпанскиот уметнички дух.
Изложбата „Пикасо можеби јас“ се состои од десет скулптури (портрети) изработени во керамика, инспирирани од делата на Пабло Пикасо. На оваа изложба, покрај скулптурите во форма на легенди на делата, ќе бидат претставени репродукции на оригиналните дела на Пикасо, од каде што Фидановски и ја црпи инспирацијата за своите дела.