Деновиве во дворот на невладиниот центар во Кавадарци се реализира еден несекојдневен инклузивен проект за оживување на традиционалниот тиквешки килим како белег на нашето богато културно наследство. Членовите на здружението „Кавадаречки срца“ и учениците од шесто одделение од ОУ „Страшо Пинџур“ од Кавадарци под менторство на наставничката по ликовна уметност Ива Јосифова Даневски и наставникот по историја Сашко Василевски со многу љубов и низ прекрасна дружба во пријатна атмосфера два дена го сликаа традиционалниот килим. По неговото реализирање предизвикаа многу позитивни реакции меѓу граѓаните и на социјалните мрежи.
Идејата за проектот произлезе од еден спонтан разговор на Ива Јосифова Даневски со координаторот на здружението „Кавадаречки срца“, Орданчо Бошковски, и многу брзо се реализира. Во проектот го вклучија и наставникот по историја Сашко Василевски, кој е и колекционер на традиционални македонски килими и носии од Тиквешијата. Тој за модел го избра ткаениот килим од волна од тиквешкиот крај со поедноставна орнаментика, кој датира од средината на минатиот век. Освен можноста заеднички да творат и да се дружат, овој проект им овозможи на децата и да научат повеќе за историското значење на мотивите и шарите што со векови ги краселе домовите во овој регион. Оваа активност на најубав начин покажа дека уметноста може да биде значаен сегмент во успешна инклузија за едно поубаво и поповрзано општество.
– Сето ова има цел да нѐ потсети дека треба уште повеќе да го почитуваме килимарството во Македонија. Богатата орнаментика вткаена во ракотворбите на македонските жени успеала да опстане со векови, па затоа за неа треба да ги учиме децата и новите генерации, кои на свој начин ќе ги вградат својата традиција и културното богатство во новото време – велат организаторите. M.M.
































