СЛАТКИ ВЕСТИ

Јадете ли лубеница? Знам дека јадете. И јас ги обожавам лубениците. Особено кога се добро изладени претставуваат вистинско освежување во жешките летни денови. Веројатно со вашите родители или со бабите и дедовците одите на пазар, па со тропање врз лубениците проверувате која лубеница да ја изберете и ја купувате таа – најубавата, најзрелата, највкусната. Но дали сте се запрашале каде и како растат лубениците?
Денес низ краток текст и фотографии ве носиме во селото Канатларци, Прилепско, кое е многу познато по производството на вкусен бостан. Децата од градот често во лето одат на село, но да ѕирнеме како го минуваат летото децата што живеат на село.
Таму ги сретнавме Мете, Јусуф и Бекај, кои возат велосипеди во попладневните часови, додека родителите одмораат. Жителите на Канатларци се познати како многу големи и вредни производители на тутун, жито, пиперки, лубеници и дињи, но некои од нив се занимаваат и со одгледување крави и овци.

Како што велат Мете, Јусуф, Бекај, Петар, Филип и другите наши денешни соговорници, децата во селото имаат обврска да им помагаат на своите родители во земјоделските работи, во полето, со стоката и слично. Бербата на тутунот почнува во еден или два часот по полноќ и трае до раните утрински чаови. Поголемите деца заедно со родителите се упатуваат на берба на тутунот, а помалите помагаат околу редењето односно нижењето и другите помали домашни работи.
Но, како што ние најмногу сакаме да јадеме лубеници, така децата од Канатларци изгледа најмногу му се радуваат на производството на бостан. Заедно со нивните родители учествуваат во наводнувањето, окопувањето и секако во бербата на сочните и слатки канатларски лубеници. Тие имаат можност да ја одберат најубавата лубеница во целата нива и веднаш да ја вкусат. А ние, пак, мора да ги почекаме со нивните родители, со тракторите да свртат два-три круга низ нашето маало, да викнат „ајде бооостан, бостааан“ и веднаш да се стрчаме за да го набавиме најдоброто парче лубеница. А секое е добро, одгледано под ведро небо, огреано од силно сонце, навадено со студена вода.

И замислете и лубеницата има свој светски ден. Ајде да видиме од кога и зошто се одбележува овој датум. Трети август е Национален ден на лубеницата во Соединетите Американски Држави, но поради вредностите и квалитетите на лубеницата, овој ден полека но сигурно станува меѓународен празник. Со овој ден се сака да се даде значење дека лубеницата се користи во исхраната не само како храна туку и како лек, затоа што таа помага за подобро варење на храната во организмот, врши чистење на штетните материи во организмот, го зголемува количеството вода и овошен шеќер…
За крај да ви кажам дека најмногу сакам да јадам лубеница во резанка. И ќе се согласите дека тоа не е тоа ако не се излепиш цел со шербет додека јадеш лубеница, бидејќи половина глава си ја „закопал“ во резанката. Уште да ви кажам дека во моментов јадам лубеница токму од Канатларци, а бидејќи не можам да споделам со вас, одлучив да ви подарам една песна за лубеницата. На здравје!

Ф.Д.


Лубеница

Бостаништето е празно
нивата е тажна без лубеници
бостанџијата тракторот
го товарил
продава бостан по градските
улици.
Пред илјадници години лубеници растеле
во пустината Калахари
а и нам којзнае од кога
на ова поднебје некој ни ги дарил.
Омилено летно овошје
жедта веднаш ја гаси
а мирисот на расечена
лубеница
ќе те стигне кај и да си.

Покрај сласта и вкусот
дечињата најмногу
ги сакаат
од лубеничињата
-фенерчињата.
И уште нешто!
Дали си знаел ти мој мал братко
дека од кората на
лубениците
се вари вкусно
слатко?

Филип Димкоски