Спортот не смее да запре

Накратко, пари за спортот мора да има. Клубовите и спортистите не смеат да запрат, за општо добро, секако, прво од здравствен аспект. Спортот придонесува и за економскиот развој на една земја, оти и во најмали размери тој вработува, директно и индиректно, има обрт, плаќа даноци…, но има и друга димензија, инспирира, носи чувство на среќа, го зголемува патриотизмот, психички празни (одличен вентил)… Ако одеднаш спортот запре, или барем еден негов член (некој спорт, клуб…), следствено на тоа погоре, луѓе ќе останат без работа, ќе се намалат приходите во одредени семејства и во државната каса…, а сето тоа и друго ќе влијае и на физичкото и на менталното здравје. Затоа, потребна е уште поголема поддршка за спортскиот сектор, за зголемување на придобивките од физичката активност, но и од активноста на спортските правни лица. И во услови на криза, мора да продолжи инвестирањето, мора да се најдат и други начини како да се помогне за спортот да не застане, да носи придобивки за општото здравје, да продолжи да им носи радост на илјадници луѓе, да му остане моќта да запира сѐ на пет, 10, 40, 60, 90 или колку минути му требаат, да носи само нему својствена возбуда, да остане најдобриот амбасадор…

Кога спортот ќе излезе на другата страна на „тунелот“, веројатно ќе биде сосема поинаков отколку пред влегувањето во него. Вака приближно беа најавите кога светот застана во пролетта 2020 година, пред налетот на коронавирусот, во времето на вонредната светска спортска пауза. Две и пол години подоцна, тунелот… е уште тука, со впечаток дека се продолжува колку и да итаме кон излезот. На здравствената криза поради пандемијата и соодветното затворање и разните ограничувања се надоврза економската криза, пристигнаа и воените конфликти, енергетската криза, инфлацијата… Со тоа тунелот е сѐ подолг. А чергата пократка.
И ако во вакви услови го поставиме спортот на сцена, не изгледа баш идеално за спортски натпревар. Секако, од приказната сам се иззема фудбалот, особено врвниот, кој не покажа речиси никакви знаци на криза во овие две и пол години. Ако како лакмус се земат и трошењата за трансфери во летниот преоден рок годинава на клубовите од најсилните пет фудбалски лиги во Европа (според британски медиуми речиси 3,5 милијарди евра досега, а трансфер-пазарот е отворен уште најмалку три недели), тогаш е јасно дека нема криза во фудбалот, напротив. Фудбалот е индустрија за себе.
Но што со другите спортови, особено што со спортовите во финансиски помалку моќните земји? Речиси нема земја што не се соочи со сиот овој сет кризи и секоја на свој начин се решава на штедење, општествено и приватно. А токму стегањето на ременот во економијата и во домашните буџети силно се рефлектира врз спортот, во некои случаи и врз неговиот опстанок.

Движечка сила се парите. Во услови што иницираат граѓаните да ги намалат трошоците, високо на листата може да се најде спортот (не одење на натпревар, на пример, но можеби и скратување на буџетот за спортување…). А движењето, вежбањето… се од големо значење за секоја индивидуа, поради многу причини, вклучувајќи и за да се направи имунолошкиот систем што е можно посилен.
Слично е и со спортот, организираниот. Клубовите и спортистите не смеат да запрат, за општо добро, секако, прво од здравствен аспект. Спортот е и индустрија (секако, не се сите фудбал, со голем проток на пари и одлични механизми за финансирање) и придонесува и за економскиот развој на една земја, оти и во најмали размери тој вработува, директно и индиректно, има обрт, плаќа даноци…, но има и друга димензија, инспирира, носи чувство на среќа, го зголемува патриотизмот, психички празни (одличен вентил)…
Ако одеднаш спортот запре, или барем еден негов член (некој спорт, клуб), следствено на тоа погоре, луѓе ќе останат без работа, ќе се намалат приходите во одредени семејства и во државната каса, ќе има помалку „вентилирање“…, а сето тоа и друго ќе влијае и на физичкото и на менталното здравје.
Накратко, пари за спортот мора да има. Активното учество во спортот ги подобрува здравјето и продуктивноста на индивидуата и на заедницата, ги намалува медицинските трошоци, подобрува социјална кохезија, создава лидери, вработува, во одредени ситуации носи прилив на странски капитал, организирајќи меѓународни настани одново вработува, иницира подобрување на инфраструктурата, спортска и друга…

Спортот е важен општествен сегмент, од рекреативниот преку училишниот до професионалниот, и за секој од нив најважна е масовноста. Затоа потребна е уште поголема поддршка за спортскиот сектор, за зголемување на придобивките од физичката активност, но и од активноста на спортските правни лица.
И во услови на криза, мора да продолжи инвестирањето, мора да се најдат и други начини како да се помогне за спортот да не застане, да носи придобивки за општото физичко и ментално здравје, да продолжи да им носи радост на илјадници луѓе, волшебно да менува расположение во рок од неколку минути, да му остане моќта да запира сѐ на пет, 10, 40, 60, 90 или колку минути му требаат, да носи само нему својствена возбуда, да остане најдобриот амбасадор…
Спортот мора да продолжи да се „врти“.

[email protected]