На натпреварот одржан во градот Римини, Италија, на 30 октомври, насловен „Сите бои на уметноста 2022“, хорот на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ од скопската општина Кисела Вода, под менторство на наставничка Вера Ангеловска, го освои првото место. Хорот беше придружуван од вокално-инструментален состав од училиштето.
Според организаторот на интернационалната манифестација за деца, целта е да се поттикнат младите да се занимаваат со танц и музика, но и да се зачува традиционалната музика на земјите, да се промовира Италија, но и да се создадат пријателства меѓу младите од различни држави. Учествуваа музички и основни и средни училишта од: Италија, Литванија, Бугарија, Израел, Ерменија, Хрватска, Индонезија, Шри Ланка, Иран и од Македонија. Натпреварувачките дисциплини беа: хорско пеење, соло-пеење, модерен, класичен и традиционален танц, традиционална музика…
Дека наградата што ја добија Вера Ангеловска и хорот на ООУ „К.Ј. Питу“ е во вистински раце, доказ е фактот што минатата недела таа од Здружението на просветни работници на Град Скопје беше прогласена за предметен наставник на годината, а хорот на училиштето ја збогати манифестацијата со неколку музички точки.
М.Т.