Изложбата е составена од цртежи, слики, скулптури и визуелна инсталација. Идејата, јукстапозиција на геометриските наспроти органските форми, ја манифестирав во различни техники, изјави визуелниот уметник Иван Ивановски
„Геометрија на меланхолијата“ е изложба на визуелниот уметник Иван Ивановски, која ќе биде отворена од денеска до 13 мај, во Уличната галерија во Белград. Тоа е триптих што нè води во празнина, во светот на рамни површини, екрани, монитори, излози, прозорци, свет од испразнети содржини, тунели, во свет без длабочина, во свет на консумацијата, свет што нè вшмукува, свет на страв и ужас, во хорор-филм…, пишува во рецензијата кураторката Нина Михаљинац.
– Изложбата е дел од еден проект што го работам и надградувам последните две години, кој се состои од импресии од урбаното и виртуелното живеење – светови дефинирани со геометриски форми. Изложбата е составена од цртежи, слики, скулптури и визуелна инсталација. Идејата, јукстапозиција на геометриските наспроти органските форми, ја манифестирав во различни техники – споделува Иван.
Реализирана е по иницијатива на „Матријаршија“, организација што е значаен дел од белградската уметничка сцена.
– Во овој простор, Уличната галерија во Белград, делата непосредно допираат до публиката, зашто сметам дека комуникацијата во јавниот простор е многу важна. Посебен предизвик на кој работиме со Нина Михаљинац, кураторка на изложбата, е да ја адаптираме поставката за специфичниот простор на Уличната галерија, која е составена од девет импозантни излози/паноа – посочува Ивановски.
Иван вели дека најчесто си задава предизвик, тема што дозволува слобода на изразување, а потоа ја артикулира преку цртеж, скулптура или медиум што го смета за соодветен.
– Се наоѓаме преплавени од содржини што ги примаме на секојдневно ниво, живееме во време каде што сме хиперинформирани. Сето тоа создава една ситуација во која не успеваме да ги рефлектираме/процесираме сензациите што нè стимулираат, а и не можеме да престанеме да ги бркаме. Едноставно сме вшмукани во информатичкиот вортекс. Парадоксот е тоа што сето тоа нè остава празни, затоа и празниот простор, лишен од содржина, е срцевината на ова мое претставување во Белград. Ако можам едноставно да ја опишам изложбата, тоа би било – простор полн со празен простор – појаснува Ивановски.
Тој сака гледачот да учествува во изложбата, да ги проектира своите мисли, идеи, шпекулации врз она што го гледа.
– На тој начин се остварува комуникација и делото продолжува да живее преку публиката. Во најдобар случај, уметноста треба да побуди интерес за претставениот свет на авторот и да инспирира и охрабри да излезе на површина сопствениот индивидуален свет – дополнува Ивановски.